Невработени лица од социјално ранливите категории од Охрид кои потешко наоѓаат работа, во иднина ќе можат да се вработат со субвенции од државата кај познат работодавач. За таа цел тие ќе посетуваат тримесечна обука, по која работодавачот ќе ги вработи и е должен да ги задржи на работа 12 месеци по завршувањето на обуката. Ова го овозможува мерката „Обука на работното место со субвенционирано вработување“, во чии рамки вчера беа објавени два Јавни огласи.
-Приоритет при вработувањето со оваа мерка ќе имаат лица на возраст 50-55 години, лица со основно или пониско образование, корисниците на социјална помош, млади лица до 29 години со ниски квалификации, долгорочно невработените, корисниците на социјална помош и лицата од ранливите категории на население соочени со бариери на пазарот на трудот. Обучуваните лица ќе добијат 6.200 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување, информираат од Агенцијата за вработување од Охрид.
Оттаму објаснуваат дека по завршување на обуката на работното место, работодавачот е обврзан да ги вработи сите обучени лица.
-За ова, работодавачот ќе добие субвенција за вработување во форма на финансиска поддршка за бруто плата во износ од 19.000 денари месечно за период од 6 месеци со полно работно време од кои 14.000 денари за невработеното лице и 5.000 денари ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес. Работодавачот има обврска да го задржи на работа субвенционираниот работник во следните 12 месеци, велат надлежните за мерките за вработување во АВРМ, Охрид.
Освен невработените, во рамки на оваа мерка за намалување на невработеноста ќе може да аплицираат и работодавачите.
-Работодавачот ќе биде обврзан да достави план односно програма за обука, според однапред подготвен образец, а обуката на невработените лица ќе се спроведува во работните простории на работодавачите. Работодавачот заинтересиран да учествува во оваа мерка, не смее да го има намалено бројот на вработени на неопределено време, 6 месеци пред објавувањето на јавниот оглас се до склучување на договорот за субвенција, се појаснува во објавениот Јавен оглас.
Заинтересираните невработени и работодавачи за оваа мерка ќе може да аплицираат во работните клубови на Центрите за вработување во текот на целата 2015 година.
OhridNews