Невработените охриѓани кои сакаат да се вклучат на пазарот на труд и охридските работодавачите кои имаат потреба од привремени вработувања, имаат можност директно да се поврзат преку Агенцијата за привремени вработувања „Партнер“, која пред околу два месеца започна со работа и во Охрид.

Оваа агенција има 16 годишно искуство во областа на привремена работа и освен во Охрид има експозитури во уште пет поголеми градови во Македонија. Агенцијата исклучиво е насочена кон обезбедување на привремени работници на компаниите од сите области, со максимална флексибилност и кон работодавачите и кон работниците.

-Агенцијата „Партнер“ е посредник во пронаоѓање, селекција и обезбедување на кадри од сите нивоа и квалификации на територијата на Македонија. Нудиме брзо и сигурно решение за сите кои имаат потреба од привремени вработувања, без оглед на периодот за кој е потребно ангажирањето. Агенциите за привремена работа се идеално решение за пронаоѓање на квалитетни работници, но и за пронаоѓање на работа на сите оние невработени кои сакаат да ги имаат сите работни привилегии и права од временото вработување, вели Мишо Ѓорѓиевски одговорен за експозитурата на агенцијата во Охрид.

Тој објаснува дека агенцијата може да понуди работни места во областите во кои, во одредено време има потреба од времени вработувања.

-Секој невработен може слободно да се зачлени во нашата агенција. Зачленувањето е бесплатно и ние по потреба ги контактираме членовите и ги повикуваме на разговор со работодавачите, кои ќе имаат потреба од времени вработувања, во онаа област за која кандидатот одговара со своите квалификации. На невработените при овозможување на некоја привремена работа им се гарантира целосно здравствено и пензиско осигурување, одредена плата или дневница, слободни денови или со други зборови нема работа на црно и тие се комплетно заштитени од таа гледна точка, посочува Ѓорѓиевски.

Работодавачите односно компаниите кои имаат потреба од привремено вработување треба да поднесат барање за изнајмување на привремени работници.

-Во барањето треба да се наведе колку работници се потребни, од кои профили, со кои потребни квалификации. Исто така во барањето се наведува и бројот на работни часови, висината на платата или дневницата. Со ангажирање на привремените работници компаниите добиваат повеќе флексибилност и прилагодување на бројот на работници на моменталните потреби, а трошоците за ангажирање на работниците се точно предвидливи, вели Ѓорѓиевски.

Тој објаснува дека компаниите може да ангажираат времени работници кога имаат сезонско зголемување на обемот на работа, за  периоди кога има зголемена активност во компанијата, годишни одмори, боледувања, работни ангажирања на посебни проекти и слично.

Привремените вработувања се новина кај нас, но се одамна воспоставена пракса во речиси сите европски земји и со тек на време се покажале како многу успешна мерка и за компаниите и за невработените.

Охридската експозитура на Агенцијата за привремени вработувања „Партнер“ е лоцирана на улица „Кузман Јосифовски Питу“ бб  во непосредна близина на Центарот за култура.

Е.М