Сите невработените лица кои се активни баратели на работа и сакаат да започнат сопствен бизнис ќе можат да подигнат поволен кредит во рамки на Јавниот оглас „Самовработување со кредитирање“, кој го распиша Агенцијата за вработување на Република Македонија. Според условите кои се пропишани во огласот, чиј рок истекува на 23-ти февруари 2015 година, кредитот може да се искористи за реализирање на бизнис идеја од областа на земјоделството, трговијата, преработувачката индустрија, градежништвото и услужните дејности.
-За дејности од помал обем за секое ново отворено работно место предвидено е по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 3 работни места, односно до 9.000 евра. За дејности од поголем обем за кредитобарателот се одобруваат по 5.000 евра, а за секое ново отворено работно место по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 17.000 евра. Дополнителни стимулативни средства до 1.000 евра во форма на кредит се одобруваат за лица кои се невработени по основ на технолошки вишок, стечај или ликвидација што имаат користено паричен надоместок најмалку 6 месеци и се невработени повеќе од 3 години, се појаснува во Јавниот оглас.
Рокот на враќање на средствата е 3 години со вклучен грејс период од 1 година за кредит до 9.000 евра, односно 5 години со вклучен грејс период од 1 година за кредит над 9.000 евра. Каматна стапка е 1% на годишно ниво, а сопствено учество од корисникот на кредитот е најмалку 25% од износот на бараниот кредит во вид на опрема, предмети или пари.
Покрај оваа мерка, до 23-ти февруари 2015 година трае и Јавниот оглас за „Самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години“. Целта на овој проект е на заинтересираните невработени лица до 29 години, активни братели на работа, коишто сакаат да да започнат сопствен бизнис, да им се овозможи поволен кредит со што ќе се отворат нови работни места и ќе се самовработат.
-За кредитобарателот се доделуваат по 7.000 евра, а за секое новоотворено работно место дополнителни 1.000 евра на основниот износ од 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 23.000 евра. Рок на враќање на средствата е 7 години односно периодот на отплата е 66 месеци и грејс период од 18 месеци. Каматната стапка иснесува 1% на годишно ниво. Сопственото учество од корисникот на кредитот е најмалку 25% од износот на бараниот кредит, се појаснува во условите од овој Јавен оглас.
Агенцијата за вработување на Република Македонија во моментов има објавено и Јавен оглас за „Кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места за млади лица до 29 годишна возраст“.
OhridNews