Агенцијата за вработување на Република Македонија деновиве објави оглас, кој обезбедува поддршка за отворање на бизнис од страна на лицата со инвалидитет и за вработување на кадри. Во рамки на овој оглас, се обезбедува финансиска поддршка со неповратни средства (грантови) кои може да достигнат и над 15.000 евра, средства кои може да ги искористат лицата за отворање и развој на својот бизнис.

На огласот може да аплицираат сите евидентирани невработени инвалидни лица кои своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка преку Програмата за самовработување на лица со инвалидитет.

Заинтересираните треба да се пријават во работните клубови на центрите за вработување на АВРМ каде редовно се евидентираат како невработени лица. Финансиската поддршка опфаќа обезбедување на:експертска поддршка во форма на обука за претприемништвото и водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите; финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и /или репроматеријали во висина од 310.000 денари и финансиска поддршка за дополнително вработување на најмногу 2 (две) лица во вид на опрема и /или материјали во вкупен износ од 494.000 денари од кои 310.000,00 денари се за реализиација на самовработувањето и отварање на бизнисот и 184.000,00 денари за дополнителни 2 (две) вработувања.

Основачот на правниот субјект кој ќе има дополнителни вработувања има обврска да ги задржи дополнително вработените лица во работен однос најмалку уште 12 (дванаесет) месеци. Доколку заинтересираното лице со инвалидност не е евидентирано како невработено инвалидно лице, има можност тоа да го направи во соодветниот центар за вработување најмалку еден ден пред пријавувањето во Програмата за самовработување на лица со инвалидност.

Процедурата за апликација е едноставна, а АВРМ обезбедува логистичко водство низ целиот процес. Процедурата започнува со поднесување на барање до подрачните центри на АВРМ и копија од лична карта. По ова следува обука од страна на АВРМ и пополнување на прашалник од страна на лицата кои аплицирале. Пополнетиот прашалник, во кој се истакнуваат основите на идејата за бизнис се бодираат и оние кои се најдобро бодирани продолжуваат со обука од 5 дена по која се изготвуваат бизнис плановите и се завршуваат останатите процедури, по што по одлука на АВРМ се склучуваат договори и се исплатуваат првичните средства.

OhridNews