Африканскиот лав Лео, кафеавата мечка Балу и бенгалскиот тигар Шир Кан, како двомесечни малечки, дошле во раце на дилер на дрога кој ги чувал во лоши услови, ги мачел и малтретирал и не се грижел за нив. Малите диви животни биле болни, прегладнети, со многу повреди, но во заедничкиот затвор се зближиле и станале неразделни пријатели, ја пренесува „Блиц“ необичната сторија која го разнежни светот.

Згрижувачкиот центар за животни „Ноевата арка“, непрофитна организација која се грижи за злоставувани животни, ги спасила животните и ги пренела во Лотус Гроув во сојузната држава Џорџија – САД, каде биле лекувани од здобиените повреди.

Во најлоша состојба бил мечокот, на кој сопственикот му имал ставено кожен ремен околу вратот, кој навлегол во месо, па тој морало хируршки да биде отстранет.

Сите три животни сепак добро се опоравиле, но бидејќи во повеќегодишното заробеништво единствената утеха ја наоѓале во меѓусебното дружење, врзувајќи се едно за друго како необично семејство, управата на „Ноевата арка“ одлучила да не ги раздвојува. Сместени се заедно, на голема оградена површина, и се чинело дека конечно ќе поживеат мирен живот. Се додека не стапил на сила новиот сојузен закон.

Според истиот, просторот во кој се чуваат големи мачки мора да биде ограден со два пати повисока ограда од таа која го опкружува „домот“ на трите другари, а „Ноевата арка“ немала 489.000 долари – колку што изнесува цената на оградата. 

Проблемот, како што тоа често се случува, го решиле добри луѓе. Трогнати од необичната сторија за сложните другари, широкоградо донирале средства. Приказната привлекла и голем број посетители, а фирмата која произведувала специјални огради дала попуст од 100.000 евра, па на организацијата за заштита на животните и останале вишок околу 10.000 долари.

Необичните другари, мечката, лавот и тигарот, и понатаму уживаат во своето пријателство и живеат како чудно, но среќно семејство.

OhridNews
извор:“Blic.rs“