Американецот Џошуа Хенсон (29) го пробил хотелскиот двоен прозорец на 17. кат, паѓал 90 метри и преживеал! Хенсон паднал точно на платнениот кров од тендата пред влезот на хотелот Хајат Риџенси во Минеаполис (САД), кој го ублажил приземјувањето.
Иако завршил во болница со скршена нога, здробени бели дробови и внатрешно крвавење, Хенсон е среќен човек, потврдија полицајците и лекарите. Нели, сепак преживеал!
Хенсон, спрема полициското известие, после бурната ноќ и многу алкохол заедно со двајца пријатели стигнал во хотелот доцна во ноќта. Со лифтот веселото друштво се качило на 17. кат. После излегувањето од лифтот, Хенсон се затрчал по ходникот, изгубил рамнотежа и низ прозорецот паднал во бездна.
Директниот удар во асфалтот го ублажила тендата над влезот во хотелот. При свест и замотан во церада завршил на тлото, а додека лекарите му давале прва помош, пожарникарите го ослободувале од церадата и од металните држачи кои ги собрал при падот.
Директорот на хотелот Хајат рекол дека вакво нешто прв пат се случува. Едноставно не може да верува дека човекот поминал низ двојно стакло и најавил детална истрага. На полицијата и тврдeл дека со прозорците е се` во ред.
Моментално Хенсон е во болница, во индуцирана кома за да може да се извршат детални прегледи. „ Резултатите од скенирањето на главата се добри. Нашата седмогодишна ќерка едвај чека татко и` да се врати дома“ – изјавила Кери Хенсон, сопруга на „среќникот“. Инаку Џошуа е сопственик на паб.
С.К.