Манчестер Сити со крупни чекори тргна по титулата во англиската Премиер лига. „Граѓаните“ шампионскиот потенцијал го потврдија на гостувањето на „Енфилд“, победувајќи го Ливерпул со 4-1 (0-0) во дербито на колото.

Избраниците на Пеп Гвардиола максимално ја искористија подобрата форма и разиграноста и очајната претстава на Ливерпул на чело со голманот Алисон Бекер, кој директно кумуваше на два од четири погодоци.

Во првиот дел мрежите мируваа, а најдобрата прилика ја имаше Илкај Гундоган, кој биеше над голот од белата точка. Германецот се поправи на стартот од второто полувреме кога ја смести топката во мрежата после ударот на Фил Фоден. На „црвените“ им требаа 15-тина минути да се вратат во игра. Мо Салах изнуди пенал и биеше прецизно за егал 1-1.

Во 73-та минута Манчестер Сити го врати водството. Повторно беше стрелец Гундоган, а главен виновник беше Алисон Бекер. Не поминаа ниту три минути, „граѓаните“ дојдоа до 3-1. Алисон Бекер катастрофално реагираше и му ја подари топката на Бернандо Силва кој несебично го проигра Стерлинг кој стрелаше за 3-1. Точка на дербито стави Фоден. Англискиот репрезентативец испрати проектил кон голот на Ливерпул, а индиспониранот Бекер неможеше да стори ништо.

Манчестер Сити обезбеди пет бодови предност во однос на градскиот ривал Манчестер Јунајтед, кој има и натпревар повеќе.

OhridNews