Средбата на министерот за образование, Абдулаќим Адеми со претставниците на средношколците од Средношколскиот пленум, која беше одржана по иицијатива на МОН веднаш по поставувањето на шаторите пред министерството, заврши без резултат.
„Остануваме во контакт. Не постигнавме никакво решение, сега засега. Преговорите продолжуваат“, велат срдношколците што присуствуваа на средбата.
Велат дека од вторник натаму ќе продолжат средбите меѓу нив и надлежните од министерството до постигнување решение, но дека ќе продолжат со бојкот на наставата и со кампувањето пред МОН.
Средношколците беа повикани на средба со Адеми, а се сретанеле со заменикот Спиро Ристовски, додека Адеми само накусо ги посетил. Бил присутен и вицепремиерот Владимир Пешевски, како претставник на Владата. Според министерот Адеми, тие биле повикани на средба само за тоа што надлежните се загрижени за нивната безбедност од најавата дека 24 часа ќе престојуваат во Паркот на новинарите спроти објектот на МОН. Адеми останува на ставот дека најавените реформи не се лоши, а според него Средношколскиот пленум не е легитимно претставничко тело на средношколците.
Средношколците велат дека преговорите ќе продолжат и наредните денови. Тие остануваат да кампуваат пред МОН се до исполнувањето на нивните барања да се укине екстерното тестирање и враќање на стариот концепт на полагање на матурата.
OhridNews