Несудениот купувач на охридски ЕМО, сопственикот на контроверзната компанија „Арарат“ од Никшиќ-Црна Гора,  Миодраг Марковиќ на 21 овој месец ќе се појави пред суд во Скопје. Тој веќе 4 месеци се наоѓал во затвор во Македонија откако државата тивко го екстрадирала од Србија каде бил уапсен.

Миодраг Марковиќ се сомничи за криминал тежок неколку милиони евра. Сопственикот на „Арарат“ беше обвинет дека преку сомнителни трансакции стигнал до 36% од охридски „ЕМО“ и со тоа стана доминантен сопственик на фирмата. Во 2004 година Управата за јавни приходи  ги откри  незаконските трансакции. Марковиќ отворил нерезидентни сметки во неколку банки, преку кои направил сомнителни трансфери на големи суми. Тогашното раководство на „ЕМО“ му одобрило заем од милион евра за да ги плати акциите, а Драган Даравелски пак, како директор на Царината ја прикрил трагата и лажно прикажал дека фирмата „Арарат“ внела милион евра, иако парите никогаш не ја преминале македонската граница. Поради тоа купопродажбата на акциите во ЕМО беше поништена, а делот од „Арарат“ и припадна на државата.

ohridnews