На вонредната седница што се одржа во манастирот Свети Јован Бигорски, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква расправаше за состојбите во манастирот по вчерашното опожарување на вредните конаци, трпезаријата и библиотеката во која изгореа архивски книги стари повеќе векови.

– Во моментов најпотребно е да се обезбедат услови за монашкиот живот на монасите. Радува тоа што помош пристигнува од сите страни, за што сме неизмерно благодарни, изјави по седницата портпаролот на МПЦ и митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Владиката Тимотеј најави дека во наредните денови ќе биде разгледана можноста за изградба на монашкиот комплекс и при тоа јавно упати благодарност за поддршката во државните институции, ИВЗ и компаниите и поединци кои донирале помош  за монасите.

На вонредна седница  Владата на Република Македонија соопшти дека ќе додели еднократна финансиска помош од 610 илјади денари на монашкото братство од манастирот „Св. Јован Бигорски“ кој вчера беше опожарен, а исто толку средства денеска донираше и мобилниот оператор „Космофон“.

Од денеска отворен е и телефон за донација 143 – 444 на трите мобилни оператори, како и денарска и девизна жиро -сметка на која граѓаните може да уплатат финансиска помош за опожарениот манастир:

МПЦ Дебарско-кичевска епархија
Бигорски манастир Свети Јован Крстител
500-000000-3835-65
Депонент Стопанска банка АД Битола
или на девизната сметка:
МПЦ Дебарско-кичевска епархија
Бигорски манстир Свети Јован Крстител
IBAN MK07500701000133139
Депонент:Стопанска банка АД Битола
SWIFT STBBMK22.

Ohridnews