Девет дена по големата несреќа на бродот „Илинден“, сообраќајот на Охридското Езеро полека се нормализира.

Бродовите нормално пловат и не е откажана ниту една од претходно закажаните тури, вели Зоран Гилески, сопственик на бродот „Александрија“. Сепак, додава Гилески, се чувствува одредена нелагодност кај патниците, кои за разлика од порано сега речиси без исклучок бараат да патуваат со појаси за спасување.

Малку има страв. Возевме во саботата група од Бугарија сите побараа елечиња и ги ставија на нив. До сега не било случај, кој што барал добивал, ама сега масовно се бара. Од 27 патници кои ги имавме само двајца не зедоа спасувачко елече, ни изјави Гилески.

Посадата на бродот „Александрија“ ја поддржа иницијативата за формирање здружение на граѓани кое ќе има за цел да помогне во утврдување на вистината за потонувањето на бродот „Илинден“ при што се удавија петнаесет бугарски туристи.

Ohridnews