Еднонасочниот дел од улицата „Стив Наумов“ кој се поврзува со улицата „Гоце Делчев“, веќе подолго време претставува опасност за учесниците во сообраќајот, бидејќи голем број возачи не го почитуваат знакот за еднонасочно движење.

Охриѓани кои живеат во овој дел од градот велат дека надлежните мора да преземат мерки за надминување на оваа состојба, затоа еднонасочниот дел од улицата започнува од пресекот со улицата „Пере Тошев“ во чија непосредна близина се училиштето „Братство Единство“ и градинката „Росица“.

-Пред неколку дена, кога со мојот скутер сакав да се приклучам од улицата „Пере Тошев“ кон булеварот „Туристичка“ кон мене наиде автомобил, кој се движеше во насока на улицата „Гоце Делчев“ и за малку избегнав голем судир. Опасност немаше да има доколку автомобилот не го прекршеше знакот за еднонасочно движење и завртеше десно по улицата „Пере Тошев“, како што е предвидено во утврдениот сообраќаен режим за ова подрачје, раскажува жител кој живее во овој дел од градот.

Со сличен проблем се соочуваат и возачите кои секојдневно минуваат по улицата „Гоце Делчев“.

-Без разлика во кој правец се движиш по улицата „Гоце Делчев“, доколку се приклучи автомобил од улицата „Стив Наумов“ постои опасност за судир, па затоа потребно е исклучително внимание при поминувањето покрај пресекот со оваа улица. Десетици пати до сега имам забележано возила кои се приклучуваат од страната на булевар „Туристичка“, раскажува еден охридски таксист, кој долги години се занимава со оваа професија.

Од СВР Охрид велат дека во евиденцијата на Сообраќајната полиција до сега не била евидентирана пријава за прекршување на еднонасочниот режим на улицата „Стив Нумов“ и дека во иднина ќе преземат мерки за надминување на овој проблем.

На терен од страна на Сообраќајната полиција ќе биде согледан овој проблем. Доколку се потврди дека има прекршувања на сообраќајните знаци за еднонасочно движење, најпрвин ќе се пристапи со мерка предупредување на возачите кои ќе ги прекршат правилата. Доколку прекршувањата се повторуваат или бидат евидентирани груби прекршувања ќе се пристапи и кон казнување на возачите прекршители, објаснува Стефан Димоски потпарол на СВР Охрид.

Во интерес на безбедноста на сообраќајот во овој дел на градот тој упати апел до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и утврдениот режим на сообраќај во градот.

Е.М/М.П