Спасителите на вода ова лето имале 19 успешни интервенции на охридските плажи.

Најмногу проблеми тие имаат со непливачите, кои според нив не бараат помош ниту прашуваат  како треба да се однесуваат во вода за да не си го загрозат животот. Има и такви кои и  покрај предупредувањата на спасителите ги напуштаат обезбедените капалишта, но и родители кои не водат  грижа за своите деца.

-Морам за жал да кажам дека има несовесни родители кои ги оставаат децата сами во вода, одат некаде и воопшто не гледаат што прават нивните деца. Многу често при бранови интервенираме и ги вадиме децата од вода, по што ги носиме кај нивните родители и ги советуваме, вели Живко Богојески-спасител на вода.

Во врска со двата последни инциденти кога две лица  се удавија скокајќи од педалинка, Богојески објаснува дека доколку луѓето не знаат да пливаат задолжително треба да носат појас за спасување или воопшто не треба да се возат со педалинка, туку да ги користат обележаните капалишта каде спасителите ја гарантираат нивната безбедност.

-Капачите треба да ги почитуваат правилата затоа што водата е опасна и не е играчка и секогаш да ги слушаат спасителите затоа што тие им мислат само добро, советува Богојески.

OhridNews