Драмски театар од Скопје вечерва на „Охридско лето“ премиерно ќе ја изведе театарската претстава „Несоодветно за на работа“ од современата британска драмска авторка Луси Кирквуд, а во режија на еден од најдобрите холивудски режисери и актери Доналд Ворен Мофет.

Драматург на претставата е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, а асистент на сцеографот е Зоран Петровски. Костимографијата ја изработи Александар Ношпал, кореограф е Кренаре Невзати, а преводот од англиски јазик го направи Благоја Бошковски.

Низ серија екстремно луцидни, и за жал, на повеќето од нас толку познати и блиски сцени од корпоративното, во случајот, медиумско секојдневие, во „Несоодветно за на работа“ Кирквуд ни дава јасна слика за симптомите на едно метастазирано општество прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација која почнува, завршува или се прекршува врз женското тело. Како и вообичаено, и самите жени често се покорни и/или амбициозни соучеснички во борбата чија единствена цел е победа врз послабите и профит по секоја цена и во која единствената сатисфакција произлегува од продолжувањето на патријархално-капиталистичкиот тренд на концентрација и задржување на парите односно моќта и искачувањето по корпоративната вертикала.

Како што истакна на денешната прес-конференција режисерот Доналд Ворен Мофет, Драмскиот театар од Скопје е извонреден театарски ансамбл којшто се карактеризира со длабока посветеност и извонреден талент во работењето.

Ми претставува огромно задоволство што сум овде, во прекрасниот Охрид. Знам дека овде се родила кириличната азбука. Среќен сум што работам во Македонија, што ја започнав Викторија Рангелова Петровска. Првпат работам претстава во која имам улога на режисер на странски јазик и мислам дека сработивме одлична работа со екипата на Драмски театар Скопје. Би сакал да се вратам повторно овде и да работам со Драмскиот театар кој според мене е неоткриен скапоцен камен. Актерите покажуваат длабока посветеност и извонрееден талент во работата што ја работат. – рече Мофет на прес-конференцијата.

Според драмутургот на претставата, Викторија Рангелова-Петровска, програмската определба на Драмски театар се движи кон промоција на современа светска драматургија и соработка со различни типови на режисерски пристапи и различни типови на режисерски концепции, со што, според неа, и актерската екипа добива повеќе можности , меѓу кои подигнувањето на квалитетот на самите претстави и продукции, како и овозможувањето поинаква театарска естетика.

Соработката со Мофет беше зачудувачки добра. Тој е полиглот, има одлично уво за јазик и многу брзо ги совлада неколкуте важни работи околу македонскиот јазик земајќи часови по јазик за да може да има подобра комуникација со актерите. Што се однесува до начинот на работа, тој е прилично прецизен, некогаш и многу математички прецизен во однос на ритамот на претставата која што треба да ја има, математички прецизен во однос на тоа каде и кој треба да биде поставен на сцената. –  изјави Рангелова Петровска.

Според директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, од огромно значење за самиот фестивал е носењето премиери во рамките на драмската програма.

Она што може да го очекува театарската публика се актуелни општествени прашања и превирања. Тематско покривање на проблемите и прашањата на маргинализираните општествни групи во современиот театар кое е сеприсутно од повеќе причини, потребата од општествено ангажиран театар кој има за цел да поттикне на размислување и да провоцира јавно мислење, и став за прашања блиски до маргинизираните општествени групи. – истакна Поповиќ на денешната прес-конференција.

Во „Несоодветно за на работа“ што ќе се одржи вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот, улогите ги играат Зоран Љутков, Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Дамјан Цветановски и Стефан Вијусиќ.

OhridNews