Министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ денеска изјави дека и во таа земја постои опасност од терористички напад, па тамошните безбедносни агенции ги зголемија мерките на претпазливост.
Бев информиран од безбедносните агенции дека постои опасност и ризик од терористички напад во Босна и Херцеговина, изјави Нешиќ во Сараево, одговарајќи на прашања на новинарите кои побараа од него да ги коментира тврдењата кои претходно се појавија во италијанските медиуми.
Според италијанскиот „Ил Темпо“, разузнавачките служби имаат податоци за дваесетина терористички ќелии на Западен Балкан, кои се составени од радикални исламисти, а се проценува дека постои опасност од нивните постапки по ескалацијата на конфликтот во Блискиот Исток.
Нешиќ тогаш рече дека има пораст на екстремизмот во целиот свет, а БиХ не е исклучок, но одби да каже зошто конкретно безбедносните агенции во БиХ ги зголемиле мерките на претпазливост.
Никој нема да биде оштетен од ова, а можеме да спречиме евентуален терористички напад во Босна и Херцеговина, изјави министерот за безбедност на Босна и Херцеговина.
OhridNews