Опиен од љубовта мажјак штрк ги чини нерви жителите на мирното село Гламбек во источната германска сојузна држава Брандебург, бидејќи со денови силно удира со клунот по покривите од нивните возила и по прозорците од куќите.
„Кога штрк со клунот ви удира по прозорецот од спалната соба во пет часот наутро, не ви е повеќе забавно“, вели во репортажата на DPA во неделата селската началничка Хилда Пелцер-Блазе потврдувајќи го написот во локалниот весник „Maerkische Algemeine“, пренесува „Макфакс“.
И темните покриви на автомобилите изгледа ја иритираат разлутената птица која остава длабоки гребнатини на бојата, па затоа сопствениците се присилени да ги оставаат возилата во гаражите, а не повеќе на отворено.
Причините за нападите на разбеснетиот штрк е машкото ривалство. Имено, откако во мај во селото пристигнал шестгодишниот штрк, тој напаѓа љубовна двојка штркови, како и сите други претпоставени ривали коишто ќе ги забележи на површините кои го рефлектираат одразот.
„Очигледно го тераат хормоните“, вели Надин Бауер, експерт за штркови во германската организација за спас на животните Nabu. Во нормални околности, мажјакот штрк би се откажал од гнездото кога еднаш ќе ја загуби битката и ќе тргне натаму. „Но, постојат штркови со различни карактери“, тврди Бауер.
Меѓутоа, упорноста можеби, сепак, ќе резултира со успех. Имено, „законскиот“ мажјак на почетокот од викендов не се вратил кај својата партнерка оставајќи слободен простор за нервозниот ривал да се вовлече во гнездото.
„Се надеваме дека ситуацијата ќе се смири, доколку сега сериозно ја преземе својата родителска должност“, вели Пелцер-Блазе.
OhridNews
извор: „Макфакс“