Согласно територијалната реорганизација, Министерството за внатрешни работи пред повеќе од половина година ја затвори единствената полициска станица во општина Дебрца, која се наоѓаше во с. Издеглавје.

Според градоначалникот на Дебрца, Љупчо Којчиноски, затворањето на полициската станица не оди во прилог на безбедноста во општината.Тој укажува дека проблемите се поголеми откога е укината полициската станица затоа што општината зафаќа територија од 430 километри квадратни и има 30 населени места до кои полицијата сега тешко може брзо да интервенира.

Доколку нешто сега се случи во Турје или Мраморец полицијата треба да мине 50 километри од Охрид за да интервенира, вели Којчиноски.


Љупчо Којчиноски – градоначалник на Дебрца

Сега полицијата патролира низ Дебрца само два дена во неделата, што според Којчиноски е недоволно. Тој посочи дека соработката со полицијата е одлична но според него во прашање е доведена нејзината ефикасност поради нередовно присуство во општината.

-Оддалеченоста прави проблем, затоа што додека полицијата реагира по пријава, сторителите на криминални дела ќе бидат далеку. Веќе настанаа некои кражби по црквите и затоа е добро ако веќе нема полициска станица, да има полициска канцеларија што ќе овозможи дневно присуство на безбедносните сили на територија на опшината, рече градоначалникот Којчиноски.

Од МВР објаснуваат дека одлуката за затворање на полициската станица во општина Дебрца е во склад со новата територијалната организација на полицијата која била направена согласно анализите за нивото на криминал и бројот на население на ова подрачје и истата според полицијата ќе одговара на потребите.

Ohridnews