Косовската полиција употреби солзавец во вчеравечер во Приштина за да ги растера активистите и симпатизерите на движењето Самоопределување, кои ја каменуваа полициската станица барајќи да биде пуштен претходно уапсениот поранешен водач на ова движење, Албин Курти.

Неколку стотици демонстранти бараа пуштање на слобода на Албин Курти, поранешен челник на движењето Самоопределување и пратеник во парламентот на Косово, кој пред четири дена во пленарната сала фрли солзавец во знак на протест против договорот меѓу Приштина и Белград според кој, меѓу другото, се предвидува и формирање Заедница на српските општини на Косово. Тогаш приштинските медиуми јавија дека неколку лица побарале медицинска помош, а пратеничката флора Бровина беше хоспитализирана. На седницата присуствуваше и претставникот на Европската унија во Приштина, поранешниот министер за надворешни работи на Словенија, Самуел Жбогар, кој исто така се пожали на тешкотии од солзавецот.

Курти подоцна ноќта беше ослободен и како што пренесе приштинскиот весник Бота Сот, на собраните свои поддржувачи им порачал дека не одговарал ништо на распитот и порачал дека ќе продолжи со активности и собирање потписи против формирањето на Заедницата на српските општини.

Репортерите на весникот известија дека зад демонстрантите останела бројни запалени контејнери за смет, уништени автомобили и излози на блиските локали, како и дека ситуацијата и во текот на ноќта останала тензична.

Според српската агенција Бета, активистите на Самоопределување се собрале на повик на челниците на движењето, кое следеше неколку часа откако косовската полиција,,постапувајќи по налог на надлежното обвинителство, претходно вечерта го привела Курти во полициска станица на распит. Репортерите од местото на настанот, јавија дека демонстрантите фрлаат камења врз полициската станица.

Според некои медиуми на протестите бил присутен и Рамуш Харадинај, челникот на партијата Алијанса за иднината на Косово, чии пратеници заедно со оние од Самоопределување на 8-ми октомври ја блокираа седницата на косовскиот парламент во знак на протест против бриселскиот договор меѓу Белград и Приштина, по што Курти го активирал солзавецот, за што според медиумите може да добие затворска казна.

Овие протести се одиграа во пресрет на денешните преговори во Брисел меѓу Србија и нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија, која во 2008 година еднострано прогласи отцепување со поддршка на САД и водечките земји во ЕУ. Премиерите Александар Вучиќ и Иса Мустафа ќе разговараат со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини за досегашниот напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и за натамошните чекори во таа насока.

OhridNews

Извор: „Макфакс“