Дефинитивна одлука каде ќе се гради новото средно училиште во Струга нема тврди Министерството за образование и наука. Оттаму посочуват дека поради нерешените имотно правни односи неизвесно е кога ќе започне изградбата на новата училишна зграда.

-Сакаме што побрзо да се изгради новото училиште во Струга, но најпрвин треба да се решат имотно правните односи околу предложените локаци, истакна во изјава за медиумите заменик министерот за образование и наука, Линдита Ќазими.

Како најповолни локалната самоуправа ги посочи локациите кај ракометното игралиште и поранешното седиште на јавното комунално претпријатие, кои биле разгледани на неделната средба на градоначалникот Мерко со вицепремиерот Адеми и министрите за образование и за транспорт и врски, Тодоров и Јанакиески. На средбата како што веќе информиравме, бил изложен и планот за новото училиште за кое треба да се изнајде локација.


Локалната самоуправа  се сомнева дека изградбата на новата зграда може да започне до септември, но и доколку започне проблемот со недостаток на простор во средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“ нема веднаш да биде решен. Поради тоа како алтернативно решение се разгледува  можноста дел од наставата да се одвива во времени објекти.

Министерството за образование тврди дека дека целта на изградбата на новото училиште не е етничка поделба на учениците, туку подобрување на условите за настава во најголемиот средношколски центар во земјата. Надлежните сметаат дека со изградбата на новото средно училиште ќе придонесе за смирување на меѓуетничките тензии кои на неколку пати кулминира со масовни тепачки на учениците Албанци и Македонци и бојкот на наставата.

Ohridnews