Славјето на екипата на Вардар по триумфот над Е. Пелистер во финалето од Купот на Македонија во ракомет, што се одигра синоќа во Охрид, беше засенето од инцидентот што се случи непосредно по завршувањето на средбата, која црвено црните ја добија тесно со 26:25. Настана расправија помеѓу тренерот на Вардар Неданоски и еден од играчите на Пелистер по што во теренот влетаа пластични шишиња со вода. Дотрчаа играчите на двата тима кои не дозволија ескалација на инцидентот, а во делењето подебелиот крај го извлече репрезентативецот на Македонија Филип Талевски.

Инцидент по завршувањето на Куп финалето во Охрид. Фото: А. Момироска

Имено, тој без причина беше удрен со пендрек во глава од полициски службеник, што предизвика бура од реакции како од присутните во салата, така и на социјалните мрежи. Граѓаните го осудуваат, како што велат, непримерното однесување на полицискиот службеник и бараат МВР сериозно да го истражи случајот во кој беше применета несоодветна сила врз спортист кој е пример за фер плеј и кој со ништо не го предизвика инцидентот, напротив, спречи негова ескалација.

Веста за удирањето на македонскиот ракометен репрезентативец Талевски ја пренесоа бројни медиуми во регионот и Европа.

Г.М.
Фото: А. Момироска