Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ го осудува јавното етикетирање на телевизиите Телма и Алфа од страна на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети. Тој во своето обраќање пред присутните на партиска трибина во Гостивар, во обид да изрази незадоволство за медиумското известување во врска со партиските активности, јавно кажа дека овие две телевизии се непријателски.
Оваа скандалозна изјава е штетна и може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Изјавата е посебно проблематична што доаѓа од претседател на политичка партија која е дел од власта и истата може да стимулира напади и закани врз медиумите и новинарите од страна на партиските припадници, а тоа може да повлече многу негативни последици на слободата на изразување. – се вели во реакцијата.
Сметаме дека јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави кои што етикетираат медиуми, бидејќи тоа е во спротивност со европските вредности кои самите политичари се обидуваат да ги промовираат пред граѓаните, велат од ЗНМ.
Го потсетуваме Ахмети, но и неговите колеги од другите политички партии, дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека политичарите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа, стои во соопштението на ЗНМ.
Праксата на непримерна комуникација за работата на медиумите продолжува и од претседателот на Владата, додаваат од ЗНМ.
На новинарско прашање дали премиерот Ковачевски ќе се огради од Ахмети во контекст на изјавата дека етикетира медиуми, Ковачевски рече: ,,Верувам дека господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на факти и за објаснување ќе треба да го прашате него. Бидејќи и за медиумите и јас имам мое лично мислење, јас можам да дадам мое лично мислење како некои медиуми се однесуваат. Што се однесува до мене можам да кажам дека во државата има медиуми чија што уредувачка политика личи на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чија што уредувачка политика личи на партиски сектор за комуникација”.
Доколку политичарите, јавните функционери сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела односно Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија. Ваков наратив инициран од страна на премиерот претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од јавен интерес, укажува ЗНМ.
Ваков однос од страна на премиерот Ковачевски во најмала рака е непрофесионален и крајно неприфатлив од причина што денеска реагиравме за скандалозната изјава кон медиумите на неговиот коалициски партнер Ахмети. Ваквата пракса на непримерна комуникација може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Потсетуваме дека јавните функционери и останатите претставници на Владата треба да имаат повисок степен на толеранција кога имаат јавна критика за нивната работа а при тоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија. – истакнуваат од ЗНМ.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), исто така, остро реагира и ја осудува заканата кон новинарите и медиумските работници од телевизијата Канал 5 која беше упатена од страна на лице на социјалната мрежа Фејсбук.
Поконкретно, на објава на Канал 5 на Фејсбук, од профил именуван како Роберт Елбанасов упатен е недоличен коментар со закана. Ваквите коментари можат да предизвикаат страв кај новинарите и медиумските работници и да ја загрозат нивната безбедноста преку поттикнување на насилство. Потсетуваме дека според Кривичниот закон тој што во јавноста промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група е кривично дело и ќе се казни со затвор од една до десет години. Исто така, укажуваме дека овие закани се кривични дела за кои постои позитивна судска пракса и за кои ЗНМ во 2020 година има добиено судски случај пред Основниот кривичен суд за закани кон новинарите објавени на социјалните медиуми. – се вели во реакцијата на ЗНМ.
ЗНМ за оваа закана поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и побара од надлежните во МВР итно да се преземат мерки за што бевме известени дека во моментов се води истрага и се постапува.
OhridNews