Шест килограми тежок предмет во форма на топка, со пречник од 35 сантиметри и со непознато потекло, бил пронајден недалеку од едно село на северот од Намибија, околу 750 километри од главниот град Виндхук. Како што соопштил Пол Лудик, началник на одделението за форензичка медицина, селаните и полицајците слушнале неколку послаби експлозии на оддалеченост од три километри, а пет дена подоцна го пронашле тркалезниот метален предмет.

Според неговите зборови, куглата била шуплива и се состоела од две споени половини. Откриена била на 18 метри од точката во која удрила, односно кратер со длабочина од 33 сантиметри и ширина од околу четири метри. Предметот бил детално анализиран. Бидејќи надлежните служби не успеале да го објаснат неговото потекло, сега во истрагата ќе се вклучи и американската вселенска агенција НАСА, како и европската вселенска агенција ЕСА. Лудик објаснил дека постои можност предметот да потекнува од некое вселенско летало.