Неповратен грант од 10.000 евра по корисник за поддршка во опрема и инвестиции добиваат 59 мали семејни винарии. Договорите за нивна поддршка во вкупен износ од над 33 милиони денари ги врачи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Интересот за оваа мерка беше голем. Вкупно аплицираа 63 винарии, а условите ги исполнија 59 и сите тие ќе добијат поддршка околу 10.000 евра по корисник. Нема прв дојден, прв услужен, односно обезбедивме средства во буџетот на Министерството да ги одобриме за сите кои исполнуваат услови, рече Николовски.

Денеска има ресторани, бројни објекти каде што се продава вино токму од малите семејни винарии. Уште тогаш знаевме дека носиме мерка, која ќе даде вакви резултати. Денес на винската карта имаме многу нови брендови, многу нови вкусови, богатство од ароми и комплексни вина произведени од домашно македонско грозје, токму во малите семејни винарии. Споредено со периодот на оваа измена на Законот за вино, беа регистрирани околу 30 мали винарии, но по измената, бројот значително се зголеми. Само во овие две години и покрај кризата во регистарот на производители на вино се запишале нови 70 мали винарии со капацитет до 50.000 литри од кои 11 се правни, и 59 физички лица. Тоа е успехот на токму оваа визија за измени во законодавството и давање на поддршка и фокус на малите винарии, истакна Николовски.

Според него, ова се рекордни бројки и ова е вистински доказ дека мерката дава огромен резултат и тоа за само две години, и тоа во голема здравствена и економска криза.

Во име на сите мали винарии и во име на Здружението „Тиквешки семејни винарии“ се обрати претседателот на Здружението, Горан Јаковлевски кој се заблагодари на министерот Николовски и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за поддршката која ја имаат и на пратениците од Кавадарци за несебичното ангажирање да се обезбедат финансиски средства за сите апликанти кои ги исполниле условите за грантот.

Ние сме тие кои со години и децении наназад произведуваме вино, ракија, маџун во домашни услови негувајќи ја нашата македонска традиција. За квалитетот на вината кои денес ги произведуваме зборуваат наградите кои ги добиваме не само на домашните натпреварувања туку и на престижните меѓународни натпревари. За да се произведе квалитетно вино потребна е и современа опрема, па така овие финансиски средства кои ќе ги добиеме ни се неопходни за проширување на нашите капацитети, но и набавка на квалитетна опрема без која денес не може да се произведе врвно вино, а при тоа водејќи сметка да ја задржиме и негуваме нашата семејна традиција, рече Јаковлевски.