Непосредниот контакт со пратеникот е една од најважните работи во парламентарната демократија, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши денеска по посетата на канцелариите за контакт со граѓаните во Охрид, каде беше во придружба на охридските пратеници, Сашо Донев, Лидија Петкоска и Грација Бакраческа.

Избраниот пратеник мора и најдобро е да се види во граѓаните не само во изборните циклуси, туку и во текот на мандатот. Тоа е и смислата на постоење на овие канцеларии секој петок за да можат пратениците да бидат во контакт со граѓаните. Како Собрание се обидуваме да не закажуваме седници. За шест месеци само еден петок сме имале седница. Но, слушам од колегите пратеници дека често се случува Комисиите да заседаваат во петок и ќе гледаме да разговараме да го ослободиме тој ден, бидејќи петок е ден за средби со граѓаните, рече Гаши.

Посочи дека според состојбата на терен, пратениците од Охрид имале чести средби со граѓаните што го оцени како позитивно.

Претходно, Гаши оствари протоколарна средба со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. На средбата градоначалникот го информира  гостинот за начинот на функционирање на локалната власт.

Како еден од најважните проекти на актуелното раководство беше издвоено целосното раздолжување на Општината која од втора најзадолжена на ниво на држава, во моментов има позитивно салдо. Стана збор и за останатите крупни проекти за кои во тек се постапките за градба, катна гаража, основно училиште, прочистителна станица кај село Трпејца, изградба на плоштадот „Крушевска Република“ и спортска сала во  с. Лескоец, информираат од Општина Охрид.

Двете страни, додаваат, разменија мислења за Охрид како посебна општина во однос на останатите, како најбитен туристички центар заштитен од УНЕСКО кој одлично ја промовира државава во светот.

Според агендата Гаши оствари средба и со семејството Филеви, кое се занимава со изработка на охридски бисери.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска