Непочитување на гарантните рокови и начинот на сервисирањето на технички производи, се најчестите проблеми со кои се соочуваат охридските потрошувачи. Од охридското Советодавно биро на Организацијата на потрошувачи не информираа дека во текот на првите три месеци од оваа година евидентирале вкупно 74 поплаки за заштита на потрошувачките права.

Најголемиот дел од пријавите или 46 беа во доменот на белата техника, апаратите за домаќинство и аудио и видео опремата. Во овој домен потрошувачите се жалеа на мобилните телефони, лап-топ, таблет и компјутерирска опрема, но имаше поплаки и за производите од бела техника како што се фрижидери, шпорети, рерни и мали кујнски апарати, вели Вангел Спироски од Организацијата на потрошувачи од Охрид.

Тој објаснува дека потрошувачите треба да знаат дека додека трае гаранцијата, апаратите може да се сервисираат до 3 пати, а додека трае сервисот на техничкиот апарат, потрошувачот мора да добие ист таков апарат на замена.

Освен за техничките апарати, охриѓани во текот на првиот квартал од 2015 година поднеле и 16 пријави за неквалитетни производи од кои најголемиот број се однесуваат на производи од текстил, чевли и мебел.

Во делот на услужните дејности имаме евидентирано и поплаки за туристички агенции, за козметички, за занаетчиски услуги и услуги за поправка. Исто така дел од жалбите кои беа поднесен се однесуваат и на комуналните услуги, снабдувањето со струја и телекомуникациите, вели Спироски.

Тој појасни дека во сите наведени случаи граѓаните биле упатени на кој начин да го решат проблемот и какви активности да преземат за да ги заштитат своите права. 

Е.М