Се зголемува бројот на пациенти кои навреме го откажуваат закажаниот термин за преглед/снимање на кој не биле во можност да дојдат, но се уште е голем бројот на пациенти кои не се појавиле на закажаниот термин и претходно не го откажале, а дел од нив не се појавиле на закажаниот термин дури 14, 15 и 17 пати, покажаа резултатите од анализата на податоците на системот Мој Термин.
Пациентите кои не можат да дојдат на закажаниот преглед, можат да го откажат со јавување на телефонскиот број 15 444 или со праќање СМС порака на бројот 144 194 со содржина број на упат.
На презентацијата на резултатите од анализата на податоците на Мој Термин вчера на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров рече дека откажувањето на термините за преглед/снимање изминатиот месец е за 8 отсто зголемено споредено со месец мај, односно во јуни биле откажани 25.668 термини, додека во мај биле откажани 23.806 термини.
Посочи дека со анализата на системот Мој Термин е утврдено дека од почетокот на годинава, досега, 125.614 пациенти не се појавиле на најмалку еден закажан преглед, а меѓу нив 106 пациенти не се појавиле на шест или повеќе од шест закажани термини. Поконкретно, истакна министерот, меѓу овие пациенти има пациент кој не се појавил на дури 17 закажани термини во изминативе шест месеци, а друг пациент не се појавил на 15 закажани термини.
Според Тодоров, неоткажувањето на термините сериозно го оптоварува здравствениот систем и е еден од најголемите фактори за вештачки голема листа на чекање. Анализата на податоците од системот МојТермин, потенцира министерот, даваат јасна претстава за причините за зголемените листи на чекање.
– Анализата покажа дека за специјалноста ортопедија во Тетово пациентите чекаат 21 ден за преглед, а доколку се искористеле 1.215 термини на кои пациентите не се појавиле, тогаш пациентите нема да чекаат за преглед подолго од четири дена. Тоа би било намалување на времето за чекање за преглед за повеќе од пет пати. На ортопедија во Охрид за преглед се чека 14 дена, а доколку се искористеле 1.425 термини од страна на пациентите кои имале закажано, а не се појавиле на преглед, нема да се чека повеќе од три до четири дена, рече Тодоров.
Нагласи дека пациентите кои 14, 15 и 17 пати не дошле на закажан термин за преглед не само што направиле финансиска штета на болницата и на здравствениот систем, туку и директно влијаеле некој пациент, кој има сериозна и неопходна потреба од побрз преглед истиот да го добие за четири или пет пати подолг временски период од реалниот.
Паралелно, нагласи Тодоров, Министерството за здравство ќе испрати и лично адресирани писма до пациентите кои најчесто не се појавувале на закажаните термини, со цел да им укажеме дека е незаконски и несовесно да се закажуваат термини и потоа истите да не се користат, односно ќе им укажеме дека со навременото и совесно откажување на термините ќе придонесат истите да ги искористат пациенти на кои конкретната здравствена услуга им е понеопходна.
Укажа дека следна мерка која ќе ја преземе Министерството за здравство со цел да се анулира оваа појава е посета на тие пациенти во нивните домови од страна на тим од МојТермин, како и тим од јавните здравствени установи, за да се поразговара со нив за евентуалните проблеми поради кои често биле спречени да се појават на закажаните прегледи.
OhridNews
Извор:„МИА“