Во 2020 години се бележи исклучително низок опфат со МРП вакцината на национално ниво, од 63 отсто за прва доза и 68,5 отсто за втората доза. Министерството за здравство и здравствените установи кои спроведуваат вакцинација, во напорите за засилување на вакцинацијата успеаjа да го зголемат опфатот во 2021 година, така што за прва доза МРП вакцина тој изнесува 70,4 отсто, а за втората доза 80,4 отсто. Но, сепак овој опфат е далеку од потребниот процент од 95 отсто вакцинирани лица за постигнување на колективен имунитет и заштита во заедницата.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Беким Сали на прес-конференција што се организира, како што рече, во пресрет на Европската недела за имунизација, која традиционално се одбележува последната недела од април, а воедно и да го означат почетокот на заедничка кампања со УНИЦЕФ за потенцирање на важноста на редовната имунизација, како најдобра превентивна мерка за заштита од заболувањата.

Се надеваме, посочи Сали, дека ќе допреме до што е можно повеќе родители и ќе ги поттикнеме навремено да ги вакцинираат своите деца. Потенцира дека сите вакцини кои се дел од националниот Календар за имунизација се достапни за секое дете и се клучни за заштита на нивното здравје.

За разлика од 2020 година кога во неколку општини се евидентира опфат под 50 отсто, во 2021 година опфат под 50 отсто се бележи само во Куманово. Воедно, за разлика од 2020 година кога висок опфат се регистрира само во Берово и Пехчево (100 отсто), во 2021 година висок опфат со прва доза МРП, освен во Пехчево (100 отсто) се бележи и во Прилеп 98 отсто, Кочани 95,5, како и во други градови. Инаку, МРП вакцината бележи најнизок опфат, во споредба со сите останати вакцини, така што посебен фокус ставаме на оваа вакцина и заштитата од овие заболувања (мали сипаници, рубеола и заушки), рече Сали.

Појасни дека нивна тенденција е да го постигнат препорачаниот опфат од 95 проценти и во соработка со ДСЗИ и здравствените домови почнуваат со активности за засилена теренска работа за повикување на пропуштените деца за вакцинација.

Со кампањата е предвидено и испраќање унифицирана СМС порака на родителите кои ја пропуштиле вакцинацијата на нивните деца, како и засилување на регионалната мрежа на координатори од центрите за имунизација за зајакнување на теренските активности и активно следење и детектирање на пропуштените деца и нивно навремено вакцинирање. Министерството за здравство во континуитет обезбедува вакцини од светски реномирани производители, додаде Сали.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани рече дека само во последните 60 секунди, редовните вакцини за деца спасиле пет животи, а тоа значи дека уште пет деца во светот се заштитени од смртоносни болести, можат да растат среќни и да водат здрав живот.

Повеќе од два века, вакцините безбедно штитат од болести како детска парализа, мали и големи сипаници, помагајќи им на децата да растат здрави и среќни. Тие спасуваат повеќе од пет животи секоја минута – спречувајќи до три милиони смртни случаи годишно, дури и пред доаѓањето на КОВИД-19. Оваа земја има традиционално високи стапки на имунизација кај децата; сепак, низ годините колебливоста и „инфодемијата“ што таа ја поттикнува се покажаа како клучни двигатели за недоволно голем вакцинален опфат. Иако најновите стапки, од 2021 година, ветуваат подобрувања во споредба со 2020 година, ова не е доволно добро, потенцира Ди Џовани.

Според неа, најалармантен е националниот опфат со вакцината против мали сипаници, рубеола и заразни заушки (МРП1) за деца на возраст од 12 месеци, што изнесува 70,4 отсто на национално ниво и втората доза на МРП вакцината, наменета за деца на возраст од 6 години, која е 80,4 отсто на национално ниво.

Овие стапки, нагласи таа, се значително пониски од опфатот во 2018 година (МРП1 – 74,8 отсто и МРП2 – 93,8 отсто) кога земјата се соочи со епидемија на мали сипаници, која предизвика четири смртни случаи на деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, сите невакцинирани со МРП вакцината.

Апелираме до родителите и негувателите да им ја обезбедат на нивните деца заштитата што ним им ја обезбедиле нивните родителите во минатото. Во 21-от век не смееме свесно да ги загрозуваме животите на децата и да ги изложуваме на ризик од болести што може да се спречат со вакцини и кои се докажани како безбедни и високоефикасни. Не го одложувајте вакцинирањето на вашите деца. Со секое одложување, ги изложувате на ризик и вашето и другите деца, рече Ди Џовани.

Европската недела на имунизација се одбележува во периодот од 24 до 30 април и целта е да се зголеми опфатот со вакцинација преку подигнување на свесноста за важноста на имунизацијата кај родителите, здравствените работници, креаторите на политики/факторите кои одлучуваат и медиумите.

OhridNews