Заштитата на природните ресурси, справувањето со аерозагадувањето и предизвиците поврзани со урбанизацијата во Охрид и охридскиот регион беа клучните теми на кои се дискутираше во рамки на конференцијата „Локални политики за Охрид: чиста вода, воздух и урбанизација“ во организација на Демократската Обнова на Македонија – ДОМ, НВО „Зелена планета за сите” и Еколошкото друштво Грашница.

Борче Стојаноски од ЕД „Грашница“ посочи дека целта на средбата е одново да се отворат сите проблеми кои на некој начин го засегаат Охрид како туристичко место.

Охрид се соочува со проблеми меѓу нив пловните објекти, колекторот, депонијата Буково и пропратните депонии околу градот и Мауцекр. Склоп на проблеми кои низ одреден разговор ќе ги презентираме пред граѓаните. Во градов и во околината се осеќа смогот, се осеќаат непријатни миризби. Секако и претераната урбанизација е причина за аерозагадувањето. Активистите ни укажуваат дека со таа прекумерна урбанизација на некој начин го стигнуваме Скопје, ги стопираме ветровите. Веројатно и тоа се причини за аерозагадувањето, но не можам да тврдам зошто не сум експерт во таа област, вели Стојаноски.

Ана Угринска, копретседател на ДОМ, посочи дека програмски приоритет за нив како партија е Охридскиот регион и заштитата на природното и културното наследство, посочувајќи дека неопходно е здружување на сите чинители за успешно справување со предизвиците со кои се соочува Охрид денес.

Акцентот се става на статусот на УНЕСКО и Охридското крајбрежје и биодиверзитетот, но и аерозагадувањето станува проблем. Не верував дека некогаш ќе видам дека Охрид е позагаден од Скопје. Меѓутоа се случува и тоа. Влијанието на аерозагадувањето е големо. За жал, целиот Балкан и ние, Македонија, некои подрачја кои сметавме дека се чисти, заштитени, се соочуваат со аерозагадувањето кое е исклучително штетно за здравјето на човекот. Загадувањето прво го поврзуваме со респираторни болести, хронично опструктивни болести, но влијанието е далеку поголемо. Особено ПМ2 честичките навлегуваат во организмот и влијаат на кардиоваскуларното здравје, на менталното здравје, на развојот на деменции кај луѓето, растот и развојот на децата… Во Македонија, сега скоро имаше монструозен податок дека од десет деца кои ќе починат, а се помали од една година, кај едно причина е аерозагадувањето. Тоа е ужасен податокот. Последиците врз здравјето на луѓето се огромни, вели Угринска.

Проф. д-р Трајче Талевски посочува дека непланираната изградба на високите згради кои се проектираа и изградија во првите редови или најблиску до брегот на Охридското Езеро го спречуваат воздушното движење кое доаѓаше од езерото према градот, према градските населби.

Случајов е веќе 15-20 години, но позагрижувачи се сосотојбите во зимскиот период кога од различниот воздушен притисок повторно немаме циркулација, а од Буково имаме носење на загаден воздух, чад, смог којшто се позиционира над градот Охрид и така на луѓето им е отежнато дишењето посебно на младите луѓе, деца или повозрасни особи кои имаат некои хронични заболувања. Состојбата со ПМ честичките е пред се поради големите количини на чад кои доаѓаат од ѓубриштето на депонијата Буково која според препораките на УНЕСКО во 2020 година требаше да биде дислоцирана. Владата во тие моменти не најде паметен начин за справување со депонијата и предложи да се изгради регионална депонија во Дебрца која граѓанските организации и жителите на Дебрца го спречија. Сега се очекува за околу 3-5 години проблемот да се реши, ако се реши, со новата регионална депонија во Новаци, посочува Талевски.

Денешната конференција беше можност за граѓанските организации и сите заинтересирани чинители, да ги споделат своите ставови и да придонесат за креирање зелени политики, кои ќе гарантираат чиста вода, воздух и просторно планирање за Охрид.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска