„Неодоливо сино“ е 113 книга од Академик Миле Миќуновиќ во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид. Миќуновиќ во ова дело прикажува 375 авторски фотографии од Охридското Езеро. Во „Неодоливо сино“, Охридското Езеро е набљудувано од 30 места редоследно, како што е прикажано на картата на самиот почеток на книгата, од Охрид кон Св. Наум, продолжувајќи во Тушемиште Албанија, па преку Струга повторно до Охрид.

Кога се набљудува Охридското Езеро, во кое било годишно време, неговото „неодоливо сино“ укажува дека тоа тукушто се родило, а родено е уште пред појавата на човекот. Tоа е старо околу четири милиони години. Во светот има неколку езера чија старост би можела да се споредува со Охридското Езеро, Тангањика во Африка и Титикака во Јужна Америка. Настанало со вертикално пропаѓање на почвата како и најдлабокото Бајкалско Езеро во Сибир, во Русија, кое е стотина пати поголемо од Охридското Езеро, велат од НУ Библиотека „Григор Прличев“ за „Неодоливо сино“

Елипсовидната форма на езерото овозможува од безброј места, со поглед да се опфати целата негова живописна темносина површина. Од манастирскиот комплекс „Свети Наум“ па сé до селото Радожда на спротивниот брег по водата се протега невидлива гранична меѓа, којашто езерото го дели на два дела. Две третини од неговата површина и припаѓаат на Република Северна Македонија, а една третина на Република Албанија, додаваат од Библиотеката.

Миле Миќуновиќ е доктор на медицински науки, професор, специјалист по урологија. Во 2018 година тој станува Академик и е член на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург-Австрија.