Жителите на Морис Каунти во Њу Џерси, САД, пријавиле во полицијата дека виделе необични црвени светла на небото. Мислеле дека ги посетуваат “малите зелени“.
Околу 21 часот, семејството Харли од Морис Каунти видело светла на небото. Прва ги воочила 11-годишната Кристин. Ги повикала родителите кои побрзале да ја земат камерата и да го снимат необичниот настан.
-Никогаш претходно немаме видено ништо слично. Беше многу необично и застрашувачко – изјавила Синди Харли.
Пол Харли е поранешен пилот и во 20 години летање вели дека никогаш не видел нешто такво. Бил сигурен дека тоа не се авиони. Веднаш ја повикал контролната кула на аеродромот во Мористаун. Потврдиле дека и тие гледаат непознати објекти. Полицијата примила 7 повици од исплашени граѓани.
Од полицијата веруваат дека тоа била шега и дека светлата всушност биле факели прицврстени на балони со хелиум. Тие наводи не се потврдени.