Жители на улицата „Марко Цепенков“ во населбата Видобишта во Охрид, веќе една недела тропаат од врата на врата низ разн институции барајќи помош да се реши проблем со штотуку породена бездомна кучка со две кученца. Однесувајќи се заштитнички кон своите млади, возрсното куче покажува агресивност и напаѓа, се жалат локалните жители.

На неколку наврати беа нападнати деца. Стравуваме за нивната безбедност поради што извесно време и не ги пуштавме да играат сами надвор за да не се случи несакан инцидент. Од друга страна сочувствуваме и со беспомошното животно, но ова вака не оди, не може надлежните институции и служби само да креваат рамења и да се амнестираат од одговорност. – вели резигниран жител на населбата Видобишта.

Во обид да изнајде решение за случајот, тој минатата седмица го пријавил случајот во СВР Охрид, од каде го упатиле во Општина Охрид, од каде пак го адресирале во ЈП „Охридски Комуналец“.

Никој не е надлежен. Една недела тропам од врата до врата низ институции кои само си ја префрлаат одговорноста едни на други. Зарем треба граѓаните сами да ги решаваат овие проблеми, или недај боже да преземаат несакани дејствија? Секако не. Тоа не е наша цел. Ние само сакаме да се отстрани опасноста од нашата маала  за да можат децата слободно да се движат без опасност да бидат нападнати од ова куче. – додава нашиот соговорник.

Местото каде се наоѓа окученото бездомно куче во Видобишта

Охридњуз ги контактираше одговорните во ЈП „Охридски Комуналец“. Јавното претпријатие е запознаено со случајот, но велат дека им се врзани рацете и не можат ништо да преземат затоа што се уште не располагаат со соодветен простор за згрижувцање на бездомни животни.

Џабе ни се обраќаат нам. Немаме дозвола за работа на стационарот во Мауцкер. Се уште не е извршена измена на ЛУПД (Локална урбанистичка планска документација) од страна на Министерството за транспорт и врски и општината, поради што не можеме да стопанисуваме со стационарот. Единствено што можевме да направиме е да ги известивме волонтерите за заштитита на животни за проблемот. – ни изјави во телефонски разговор директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ Љупчо Грданоски.

Засегнатите жители велат дека дошле волонтери кои и покрај напорите не успеале да ја заловат мајката за да ја дислоцираат со малите кучиња, најавувајќи дека ќе се обидат повторно неделава. Во меѓувреме загрижен родител успеал да ја залови мајката кучка и од безбедносни причини ја затворил во просториите каде се окучила заедно со младите.

Сега секој ден со соседите доаѓаме и ја раниме мајката која ги дои малите кучиња во надеж дека некој ќе се погрижи за сите нив и ќе ја отстрани опасноста од нас. Разочарани сме од системот и надлежните служби и институции кои покажуваат целосна немоќ во справувањето на проблемите на граѓаните. Ова е срамота што се случува. – вели  овој жител на населбата Видобишта.

Согласно законот за благосостојба на животните секоја општина треба да обезбеди соодветна служба за хуман третман на животни и соодветно згрижувалиште. И покрај многуте најави изминатите децении, овој проблем се уште е на маргините и далеку е од агендата на политичарите и надлежните институции, поради што страдаат и луѓето и животните,  но страда и имиџот на Охрид како најголем туристички центар.

Г.М.