Ракометната и спортската јавност силно ја потресе веста за смртта на прославениот ракометен ас, поранешен репрезентативец и актуелен тренер на РК Пролет Александар Јовиќ, кој почина ненадејно синоќа.
Јовиќ беше дел од повеќе македонски клубови во 1990-те години. Настапуваше за Борец од Велес, Преспа Јафа Промет, Пелистер, Вардар, а го носеше и дресот на Слобода Тузла, Сплит, Загреб и Болоња. Играчката кариера ја заврши во Металург каде ја почна тренерската кариера во вториот тим. Како тренер работеше и во Пелистер каде ја врати титулата по 18 години, а смртта го затекна на тренерската позиција во Пролет Тинекс кој изрази сочувство до семејството на Јовиќ.
Немаме зборови да ја опишеме загубата, не само за нашиот клуб, туку и за целокупниот македонски ракомет, врз кој Ацо Јовиќ остави длабока трага и како играч и како тренер. Александар Јовиќ помалку од една година беше предводник на нашата прва екипа и работеше со младинските категории во тимот, секогаш импесионирајќи со желбата да се помогне на секој играч да напредува во кариерата. Имено на Јовиќ засекогаш ќе остане запишано во историјата на нашиот клуб, како синоним за беспрекорен професионалец кој живееше за ракометот, се вели во кусото соопштение на РК Тинекс Пролет.
Жалење за смртта на Александар Јовиќ изрази и ГРК Охрид.
Александар Јовиќ и како играч и како тренер беше пример за професионалец кој неизмерно го сакаше ракометот. Тој целосно се вложуваше на теренот, а со голем жар подоцна продолжи во ракометот како тренер на повеќе македонски тимови. Изразуваме длабоко сочувство кон семејството на Јовиќ и РК Пролет за големата загуба, стои во објавата на ГРК Охрид.
Г.М.