Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска за време на посетата на Универзалната сала каде што претпладнево избувна пожар, изјави дека нема жртви, направена е само материјална штета и набрзо ќе се утврди колкава е штетата пред да се продолжи со градба. Таа испрати апел за брзо расчистување на случајот.

Најпрво жалам што денес сме овде со оваа причина. Јас сум прилично многу вознемирена од ова што го гледаме позади нас. Утринава околу 9 часот бевме информирани дека изби пожар во Универзална сала и веднаш дојдовме тука. Ова што го гледаме сега е дека веќе пожарот е локализиран и дека е веќе изгаснат. Се повикувам за брзо постапување од страна на сите институции, тука со нас се присутни и претставници од надзорот, од изведувачите, од фирмата која што ја гради Универзална сала и апелирам за брзо расчистување за кои се причините за пожарот што се случил и апелирам на тоа да не се шират шпекулации, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека пред да се продолжи со градба ќе се утврди колкава е штетата. Напомена дека објектот е осигуран, што значи дека од осигурувањето ќе се санира штетата која што е направена и потоа ќе се продолжи со градба.

Пред да се продолжи со какви било активности заедно со стручни лица од Градежен факултет и сите релевантни институции коишто учествуваа и денеска ќе се утврди која е причината за штетата. Уште еднаш да повторам, нема жртви и нема повредени на самиот објект, рече министерката.

На новинарско прашање каква е проценката на штетата, Костадиновска Стојчевска рече дека за ова можат да одговорат инвеститорот и надзорот и раководителот на објектот.

Јас би сакала тие да дадат постручен одговор на тие прашања затоа што се она што јас ќе го изјавам може понатаму да биде поинаку да биде истолкувано. Би сакала и тие да ви дадат одговор на она што како штета се случило внатре, иако би сакала да заврши увидот и надзорот за да можеме да кажеме што всушност се случило и која е вистинската причина за пожарот, рече министерката.

Таа доаде дека ве известуваат тековно, редовно, транспарентно за да имате информации што е точно она што се случи токму заради тоа за да се избегнат шпекулации од секаков вид.

Арсовски: Гореше старата конструкција од Универзална сала, внатре денеска немавме работници

Пожарот во Универзалната сала се случил во стариот дел и гореле стари материјали, иверки, плочки, новиот дел не е зафатен, изјави Лазар Арсовски, сопственик на „Универзал Балкан“-Скопје, фирмата изведувач што го реконструира објектот. Претпоставува дека е можно да бил предизвикан од стар кабел или од старата инсталација и рече дека во моментот на пожарот внатре немало нивни инженери и работници зашто денеска немале градежни активности.

Имаме среќа што целата инфраструктура внатре – од столчиња, сценски технологии итн. е извадена надвор и гореше, всушност, старата конструкција, стари иверки, ѕидови, плочки итн. Само еден инженер беше вон салата, во нејзините канцеларии, и имавме чувари, двајца работници, но денеска немавме никакви интервенции и седеле на работното место. Во прв момент, претпоставуваме дали стар кабел, не можеме да знаеме сега. Некоја стара инсталација, тргнал чадот, никој немало во салата. Моите мајстори пробале со противпожарен апарат да го изгаснат, тоа се иверки стари со години, суви и брзо горат. За половина час таа самата скоро се изгаси затоа што нема што да гори во неа, рече Арсовски.

На прашање дали се сомнева во човечки фактор за причина за пожарот, одговори дека тоа не може да го каже зашто, рече, „инженерите не виделе ништо“.

Можно е. Но, ние сепак салата ја чуваме три години. Имало ситни проблеми од ваков тип во смисла не пожар, но искра од кабел итн., сме ги санирале. Не знам, не можам ни да претпоставам. Во салата сега немаше градежни активности, немаше градежни работници. До пред пет до десет дена имавме преку 80 луѓе внатре и среќа што тогаш не настанал ваков проблем. Тогаш сигурно би било многу, многу попроблематично отколку сега. Сега, во глобала, она што го гледаме е стариот дел на Универзална сала, рече Арсовски.

Се надева дека за новата конструкција ќе нема проблеми и побара „слух од инвеститорите“, како што рече, „без разлика кои се – политички партии, градоначалници – оваа сала што побрзо да се направи“.

Како компанија многу се измачивме за да го изведеме сето ова и само се молиме новата конструкција да не треба да претрпи големи промени, рече сопственикот на фирмата изведувач.

Томески: Дополнително ќе се утврдуваат причините за пожарот во Универзалната сала

Kомандирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески изјави дека уште не се познати причините за пожарот што претпладнево избувна во Универзалната сала во Скопје. Како што рече, причините дополнително ќе ги утврди полициската екипа. Тој напомена дека нема повредени затоа што во моментот немало градежни работи.

Томески рече дека за кратко време пожарот бил ставен под контрола иако имале висока температура во самиот објект. Како што посочи, вкупно интервенирале со девет противпожарни возила и 24 пожарникари.

Во 9 часот и 50 минути пријавена е дојава за настанат пожар во Универзална сала. Веднаш беа испратени две противпожарни возила од блискиот потцентар во населбата Тафталиџе коишто уште при доаѓањето забележаа висок столб од чад и веднаш побараа дополнителна помош. За релативно кратко време и благодарение на пожртвуваноста на колегите пожарот беше ставен под контрола иако имавме висока температура во самиот објект. Би сакал да се заблагодарам и на полициските службеници кои ни овозможија побрзо да пристигнеме, како и на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Водовод“ кои се потрудија континуирано да не снабдуваат со вода за да интервенцијата биде што е можно поуспешна, рече Томески.

 

Тој додаде дека нема повредени, она што го добил како информација е дека немало градежни работи во моментот, така што, поосочи, нема повредени, само материјалната штета е евидентна. Рече дека имало густ чад, висок столб на чад, температурата била многу висока и на соседните објекти кои се во непосредна близина. На салата има оштетување на ролетните.

Штетата не можеме да ја констатираме сега. Не знаеме што се имало внатре, бидејќи настана колапс на кровната конструкција се уште се работи на догасување, има висока температура се уште во објектот, не може да се пристапи до сите места. Она што е битно за нас, интервенцијата е успешна од аспект на брзина на интервенирање и тоа што нема повредени пожарникари и граѓани, рече Томески.

Тој испрати апел до државните власти кои се надлежни за одобрување на вработување во противпожарните единици да го земат во предвид дека е потребно што е можно поскоро да се одобри вработување на нови пожарникари.

OhridNews