Неодамна општините Струмица и Велес го добија својот кредитен рејтинг. Деновиве пак уште четири општини се здобија со сертификат ИСО 9001:2008 за исполнување на стандардите на Системот за квалитетно управување. Меѓу нив ја нема општина Охрид. Причина за тоа според локалната самоуправа е што Охрид не е влезен во втора фаза од децентрализацијата.

Дури со втората фаза на децентрализација се добиваат не само поголеми ингеренции, туку и повеќе извори на  приходи и средства. Во првата фаза општината нема бонитет пред донаторите, кредиторите и слично. Во тоа е суштината на постојаното укажување на градоначалникот Петрески како критика до централната власт за закочената децентрализација. Не се работи за гола политика туку за развој на Охрид и повисок квалитет на живеење за граѓаните, вели Никола Маневски, портпарол на општина Охрид.

Тој објаснува дека токму затоа општината бара заем од Владата или согласност од Министерството за финансии за да може кредитно да се задолжи со цел да ги врати долговите со високи камати и да се раздолжи.

Општините кои добиваат деновиве кредитни бонитети и ИСО сертификати се влезени одамна во втората фаза, односно финансиска децентрализација, па имаат средства и за аплицирање и за неопходната контрибуција при секој проект. Охрид е единствената “урбана” општина мегу десеттината “рурални” од типот на Босилево, Пласница, Старавина… кои се во првата фаза на децентрализација. Сето тоа е на штета на граѓаните, а не на градоначалникот како што се сака да се прикаже во партиските прозивки, истакна Маневски.

Г.М.