Откако стотици, а можеби и илјади градежни простори, станови, подруми, гаражи и други простории, преку ноќ беа пренаменети во деловни простории, што на поединци, а богами и организирани групи, им донесе милионски профит, локалната самоуправа реши да стави крај на оваа појава.
Имено, општинската администрација токми предлог одлука за дополнување на Одлуката за утврдување на висината на трошоците за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Охрид. Со неа се предвидува ивеститорите кои вршат пренамена на станбен во деловен простор да се задолжуваат со разлика на надоместок за уредување на градежно земјиште, во зависност од намената на просторот и зоната во која се наоѓа објектот.
Се додека сопственикот на просторот кој се пренаменува не ја регулира обврската, надлежниот орган нема да му издаде Одобрение за пренамена од станбен во деловен простор.
За овој предлог Советот на општина Охрид ќе расправа на утрешната седница, а доколку предлогот биде усвоен, одлуката на сила ќе стапи од денот на објавување во Службениот гласник на Општина Охрид.
Експертите го одобруваат ваквиот предлог, но сметаат дека опшината ќе покаже дека е искрена во намерите само доколку одлуката има ретроактивно дејство. Со пренамена на просторот од станбен во деловен голем број градежни фирми заштедија милиони денари кои на име комуналии требаше да ги уплатат во градската каса, а сето тоа се правеше со дозвола на надлежните служби, велат експертите. Затоа според нив е битно да се исправат “грешките“ од минатото.
Г.Момироски