Нема повеќе чекања по шалтери ниту патувања по други градови за да се добие документот. Од денес по електронски пат ќе се вади потврда од казнената евиденција.
Набрзо ќе се почне и со услугата за потврда за кривична, како и уверение дека против лицето не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Сите овие уверенија им се потребни на граѓаните за вработување, доколку сакаат да добијат виза или работа во странство, како доказ дека немаат сторено кривично дело. Дополнително, доколку некое лице сака да се јави на тендер, ќе мора да има ваква потврда. Сите овие нови услуги ќе бидат достапни на сајтот е-услуги, истакна премиерот Зоран Заев.
Тој најави дека ова е почеток на дигитализацијата на услугите за граѓаните што ги добиваат преку судскиот систем по што ќе следува и опремување на стотици судници во земјата и воведување најсовремена информатичка технологија во сите 34 судови во земјата. Како што рече, дигитализацијата на правосудниот систем ќе го минимизира човечкиот фактор во дел од процесните дејствија и во пракса нема да имаме повеќе случаи од преку 3.000 недоставени пресуди и максимално ќе се елиминираат изговорите за застареност за гонење.
Од денес на граѓаните ќе им бидат потребни буквално неколку минути да добијат уверение од казнена евиденција. Набрзо истото ќе можат да го направат и за изводите од кривична евиденција. Се работи на трета услуга, односно дигитално издавање на уверение дека против лице не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Начинот е брз, а процедурата едноставна и сигурна. Анализите покажуваат дека со воведувањето на информатичката технологија заштедите на судовите ќе бидат огромни. Ќе се штеди на ресурси и хартија. Токму затоа дигитализацијата има и еколошка димензија, а во светот овие процеси се дел од таканаречена зелена-дигитална трансформација на општествата“, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ.
Тој подвлече дека дигитализацијата на судството е само почеток на процесот на осовременување на услугите кон граѓаните по што ќе следува вградување на современа информатичка технологија во сите 34 судови во земјава со што ќе се обезбеди и судење на далечина, но и ќе се овозможува видеозапис од судењата.
OhridNews