Во Охрид нема инфраструктура за да се изврши неопходниот преглед на бродовите на суво, без што тие не можат да се класифицираат и да добијат дозвола за редовна пловидба на Охридското Езеро, предупредуваат сопствениците на бродовите.

Минатиот месец со вонреден технички преглед времена дозвола во период од два месеци доби бродот „Галеб“, а деновиве иста таква дозвола добија и бродовите „Александрија“ и „Кристина“. Но, за непречена пловидба бродовите треба да бидат извадени на суво.

– Извршен е прелиминарен преглед на бродовите и проверка на дебелината на лимот со помош на  нуркачи, по што ни е издадена  дозвола во траење од два месеци. Но, со ова  проблемот не е решен, бидејќи „Биро Веритас“ инсистира на комплетно кревање на сув док, а како ќе се решава тоа не знаеме бидејќи услови за таков преглед во Охрид нема, изјави Зоран Гилески, сопственик на бродот „Александрија“.


Претходно, загриженост изрази и Здружението на бродари. Оттаму  посочуваат дека извлекувањето на бродовите на суво ќе ги  зголеми  трошоците за  класификацијата на бродовите, неопходна за добивање дозвола за редовна пловидба, кои првично беа проектирани на околу 7500 евра. „Постојат и индиректни трошоци, како што е кревањето на бродовите на суво. Тоа паѓа на товар на сопствениците на бродовите и вкупните трошоци за регистрација ќе бидат далеку поголеми од првичната сума“, вели Горан Устијаноски, од Здружението на бродари.

OhridNews