Од наредната година,  новите и употребувани возилата кои ќе бидат увезени од земјите на ЕУ нема да се царинат, најавија од Министерството за финансии, пренесува „Макфакс“.

„Планираме да продолжиме да ги намалуваме трошоците, со тоа што ќе воведеме нула стапка царина за возила од ЕУ односно нема да има царина за увезените стари или нови возила кои што имаат потекло од земјите на ЕУ“, изјави Зоран Ставрески, министер за финансии.

Оваа мерка за укинување на царината за увезени возила од ЕУ е последица од постигнатата цел за увоз на половни возила со Еуро 1 стандарди, со што во земјата од почетокот на годината увезени се 51.225 возила од кои 45.745 се половни.
„Од околу 46.000 половни возила, 10.000 биле употребувани на патиштата на Македонија, очекуваме за наредниот период ќе продолжи царинењето“, изјави Ванчо Каргов, директор на Царинската управа.

Тој изјави дека доколку има возила кои престојуваат повеќе од шест месеци во земјата со странски таблички, записнички ќе се утврди дека возилото било повеќе од шест месеци во Македонија, се казнува со 50 евра на лице место и сопственикот треба да го оцарини или да го изнесе надвор од земјата.

Ставрески изјави дека нето ефектот кај буџетот од увозот на половни возила е 11 милиони евра, но додаде дека најзначајно е тоа што возилата имаат повисоки еколошки стандарди и граѓаните ќе се снабдат со нови возила.

Увоз на возила со Еуро 1 стандарди односно возила стари до 18 години започна од март годинава, а пререгистрација важеше до петти август, која потоа беше продолжена до 30 септември оваа година.

OhridNews
извор: „Макфакс“