Владата ниту од трет обид не успеа да  го продаде атрактивното земјиште во комплексот Горица во Охрид каде е предвидено да се изгради луксузен хотел со пет ѕвездички.

На јавното наддавање за продажба на 15 000 метри квадратни државно земјиште во Горица, што требаше да се одржи на 24 јули, не се пријавил ниту еден инвестотор, по што пропадна уште еден обид во Охрид да се донесе светски хотелски бренд. Од Министерството за транспорт и врски, за „Оhridnews“ изјавија дека ќе биде распишана нова објава, а потенцијалните инвеститори ќе се анимираат преку економските промотори и амбасадите. Според најавите нема да има промена во критериумите за продажба, односно за атрактивната локација ќе може да конкурираат само оние инвститори  кои поседуваат синџир од најмалку 5 хотели.

Владата неодамна ги намали критериумите за продажба на земјиштето за изградба на луксузен хотел во Охрид, но според локалната самоуправа тоа не е доволно.

-Кога имаше заинтересирани инвеститори критериумите на Владата за продажба на земјиштето во Горица беа превисоки, а сега кога тие се спуштија дојде економската криза и никој не вложува, вели градоначалникот Александар Петрески.

Според него критеиумите за продажба на атрактивниот имот за изградба на елитен хотел треба уште да се спуштат. Доволно е да се побара хотелот да биде со пет ѕведички и нема потреба да се бараат дополнителни услови инвестирот да поседува ланец со толку и толку хотели, додава Петрески.

Обидите на владата да привлече светски хотелски бренд во Охрид траат три години. Се спомнуваа имињата на „Хилтон“ и „Есксцелзиор“, а се шпекулираше и со инвеститори од Турција. Никој од нив не пројави конкретен интерес да инвестира во Охрид.

Ohridnews