Нема трага од уличниот продавач на девизи Трајче Цоцески од населбата Рача, кој исчезна во саботата попладне. Тој последен пат бил виден завчера околу 17 часот во кафуле каде бил со пријател на кого му кажал дека оди да се види со друг пријател на кого требало да му размени 2.500 евра кои ги имал кај себе.
„Оттука му се губи секаква трага, но екипи на СВР Охрид интензивно работат на терен и наскоро се надеваме дека ќе имаме позитивни информации“, изјави за Ohridnews, Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.
Исчезна уште еден уличен продавач на девизи во Охрид
Случајот во полиција го пријавил синот на исчезнатиот кој вчера во близина на ноќниот клуб „Наполеон“ на бул. „Туристичка“ го пронашол велосипедот без кој Трајче не одел никаде. Велосипедот бил оставен потпрен на ограда, но други траги не биле пронајдени. Родните на исчезантиот се видно вознемирени. Тие се сомневаат дека Трајче е киднапиран, но не знаат кој и зошто би го направил тоа. Роднините велат велат дека Цоцески не бил искаран со никого, немал непријатели и не должел пари никому. Во обид да дознаат нешто за судбината на свиојот близок, роднините веќе втор ден интензивно трагат по исчезнатиот продавач на девизи.
Исчезнатиот Трајче Цоцески
Дента кога исчезнал Трајче Цоцески бил облечен во тренерки и сив елек. Исчезнатиот е висок околу 170 сантиметри има изразито бела коса и сини очи. Шеесет годишниот Трајче бил стечаен работник од некогашна „Засатава“ а со продавање девизи на улица се занимавал 10 години. Роднините молат граѓаните кои имаат било каква корисна информација која би помогнала во решавање на случајот, да се јават во најблиската полициска станица.
Случајот на Трајче Цоцески е четврти за неколку години велат уличните продавачи на девизи кај пазарот кои денеска исто така беа вознемирени од веста за нивниот колега. Минатата година сред бел ден во близина на пазарот исчезна уличниот продавач на девизи, Спиро Ставрески, кој три месеци подоцна беше пронајден убиен во атарот на село Лактиње-охридско. Претходно исчезнаа уште двајца улични продавачи на девизи, а нивната судбина до денешен ден не е позната.
ohridnews