Ставот на Националниот комитет за имунизација е дека нема никаков ризик ако двете вакцини таа за сезонски грип и за Ковид-19 се примат во исто време, а ако не се примат во исто време нема разлика колкaв временски период ќе биде дистанцата меѓу двете вакцинации.

Со ист став и епидемиологот од Центарот за јавно здравје Охрид, д-р Јованка Стурлакова Коровешоска.

Вакцината за сезонски грип и вакцината за Ковид 19 може да се примат во исто време, нема потреба од временско растојание, само да се примаат на различна рака, вели Стурлакова Коровешоска.

Додава дека бројката на пријавени луѓе се менува секојдневно бидејќи граѓаните индивидуално се пријавуваат на vakcinacija.mk.

Вакцинацијата во Охрид ќе се одвива од понеделник до петок од 7.30 до 15.30 според термините на пријава. Граѓаните ќе добијат СМС пораки во кои ќе им биде напишан датумот, часот и местото за вакцинација. Во Струга од денес веќе е отпочната вакцинацијата. Набавка на вакцини има секој ден, така да точна бројка на предвидени вакцини за Охрид и Струга немаме, додава  Стурлакова Коровешоска.

Во последната статистика на Институтот за јавно здравје во периодот од 1 до 7 ноември во државава пријавени се 64 случаи на сеознски грип. Во текот на оваа недела нема нови случаи од Охрид, а досега од почетокот на сезоната бројката на заразени со сезонски грип е 30.

Н.С.Ј.