Фудбалската федерација на Македонија заедно со Светската (ФИФА) и Европската (УЕФА) куќа на фудбалот ќе донираат рефлекторно осветлување за шест стадиони меѓу кои го нема стадионот во Охрид, „Атина Бојаџи“.


Проектот за рефлекторно осветлување на стадионите во Битола, Тетово, Штип, Прилеп и Струмица треба да заврши до 2017 година, а до тогаш ФФМ ќе ги реновира и терените со сопствена механизација.

– Работите се движат во добра насока. Очекуваме во блиска иднина покрај модерната арена „Филип Втори“ во Скопје во ново руво да ги видиме стадионите во Битола, Тетово, Штип, Прилеп, Струмица. Веќе се завршени формалностите со градските власти, кои се дел од проектот во кој се вклучени ФИФА, УЕФА и ФФМ, што обезбедуваат дел од парите, по околу 400.000 евра. Работите наскоро ќе почнат и се надевам дека во следните две години во Македонија ќе има шест реконструирани стадиони под рефлектори. ФФМ има и комплетна механизација за одржување и за поправање на терените. Таа опрема им е на располагање на сите клубови во Македонија во секое време, само треба да обезбедат стручни луѓе што ќе ракуваат со неа – рече првиот човек на ФФМ, Илчо Ѓоргиоски, а пренесува „Нова Македонија“.

Охридската арена „Атина Бојаџи“ и градот Охрид се честа дестинација за финални подготовки на екипи од земјава и странство.

Затоа, рефлекторното осветлување би преставувало опција плус во понудата што минатата година беше збогатена со стадионот со вештачка трева.

Мх.П.