Нема преживеани во падот на рускиот патнички авион, кој утрово се урнал во централниот дел на Синај, дваесеттина минути по полетувањето од египетското одморалиште Шарм ел Шеик за Санкт Петербург. Во авионот Ербас А-321 на руската воздухопловна компанија „Когалимавија“ имало 224 патници и членови на екипажот.
Светските медиуми попладнево пренесоа информација дека можна причина за падот на рускиот авион е терористички напад, односно дека ербасот бил урнат со ракета „земја – воздух“ од страна на Исламската држава. Официјална Москва ги демантираше таквите наводи.
-Таа информација не може да се смета за точна. – изјавил рускиот министер за транспорт Максим Соколов, нарекувајќи ги ваквите информации измислици.
Она што засега официјално е потврдено од аеродромот во Каиро, е дека авионот се наоѓал на височина поголема од 9.000 метри, кога пилотот побарал слетување заради дефект на радио уредот, по што врската се прекинала.
Порталот „FlightRadar24“, кој ги следи авионските летови во реално време наведува дека авионот лесно полетал за да, откако се приближил на висината на летот на околу 9.400 метри, се затресол и набрзо започнал да ја губи висината. Авионот брзо се спуштал, околу 2.000 метри во минута пред да ја загуби врска со контролата на летањето.
Како што јавува „Макфакс“, руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на извори на аеродромот во Шарм-ел-Шејк, пренела дека „пилотот ја контактирал контролата на летањето и пријавил технички проблеми, побарал промена на рутата и слетување на аеродромот во Каиро, по што била прекината комуникацијата.
OhridNews