Одборот кој го организира Меѓународниот атлетски маратон во Охрид ги надмина сите проблеми и ја повлече одлуката за згаснување на манифестацијата со 30-годишна традиција. Меѓународниот атлетски маратон по 31. пат на денот на Независноста на Македонија, 8-ми Септември, ќе се одржи од Св. Наум до Охрид на патеката долга 30 километри.

– Големата заинтересираност кај маратонците учесници, кои и лично се приклучија во организацијата, инсистирањето на претседателот на Атлетската федерација, Крсте Серафимоски да се продолжи убавата и долга традиција не предомислија да ја повлечеме одлуката и повторно да го организираме Атлетскиот маратон во Охрид. – изјави Пецо Неданов, прв човек во организациониот одбор.

Тој најави неколку новитети на 31-то издание на Меѓународниот атлетски маратон.

– Годинава покрај стандардната 30 километерска делница ќе имаме и 5 километарска, која ќе биде отворена за сите љубители на спортот. За разлика од минатите години ќе имаме и поголема кампања и ќе донесеме многу повеќе натпреварувачи од Македонија и странство. Напорно работиме за зголемување на паричните награди со кои ќе привлечеме многу повеќе учесници.

Организациониот одбор и годинава уредно аплицираше за помош и логистика до Општина Охрид. Последниве години организациониот одбор не добил помош и благодарение на спонзорите го одржуваше во живот Атлетскиот маратон со меѓународен карактер.

Стартот на „големиот“ маратонот е закажан во 9 часот, додека „малиот“ маратон на 5 км е закажан во 9 и 30 часот. Целта на двата маратони е на градскиот плоштад во Охрид.

OhridNews