Иако во државите низ светот забрзано се шири Омикрон сојот на коронавирусот, кај нас засега не е регистриран ниту еден случај. Се уште доминантен останува Делта сојот, како кај нас, така и во државите од регионот. Во меѓувреме, надлежните повикуваат на помасовна вакцинација, која претставува единствениот реален излез од пандемијата.
Иако овој сој забрзано се шири, првите индикации покажуваат дека тој е помалку опасен од Делта сојот. Ова вчера го изјави главниот советник на американскиот претседател за пандемијата, инфектологот д-р Ентони Фаучи. Тој напомена дека на научниците им требаат повеќе информации пред да донесат заклучок за сериозноста на видот Омикрон.

Сојот Омикрон досега е откриен во третина од американските сојузни држави, вклучувајќи го североисточниот, јужниот и западниот брег. Според Светската здравствена организација (СЗО), лицата заразени со сојот Омикрон, обично имаат поблага форма на болеста.

Техничката раководителка на Светска здравствена организација за Ковид-19, Марија Ван Керкова изјави дека е потребно време за заразените да поминат низ целиот процес на инфекција, и оти можеби ќе поминат неколку недели пред навистина да стане јасно колку луѓе од заразените со сојот Омикрон ќе развијат тешка форма на болеста. Таа предупреди дека дури и да се работи за полесна форма на болеста, важно е брзо да се делува за да се преземат мерки за контрола на нејзиното ширење.

 

OhridNews