Иако во државите низ светот забрзано се шири Омикрон сојот на коронавирусот, кај нас засега не е регистриран ниту еден случај. Се уште доминантен останува Делта сојот, како кај нас, така и во државите од регионот. Во меѓувреме, надлежните повикуваат на помасовна вакцинација, која претставува единствениот реален излез од пандемијата.

Новиот сој Омикрон вчера за првпат беше потврден на Балканот. Поточно, станува збор за двајца пациенти од Хрватска кои се инфицирале со новиот сој, а притоа не престојувале во Јужна Африка, но биле на состаноци на кои имало гости од странство.

Според Светската здравствена организација (СЗО), лицата заразени со сојот Омикрон, обично имаат поблага форма на болеста. Техничката раководителка на Светска здравствена организација за Ковид-19, Марија Ван Керкова изјави дека е потребно време за заразените да поминат низ целиот процес на инфекција, и оти можеби ќе поминат неколку недели пред навистина да стане јасно колку луѓе од заразените со сојот Омикрон ќе развијат тешка форма на болеста. Но, предупреди дека дури и да се работи за полесна форма на болеста, важно е брзо да се делува за да се преземат мерки за контрола на нејзиното ширење.

Во меѓувреме, вакцинацијата останува единствениот излез од епидемијата.

Македонската Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), пак, вчера објави дека досега има добиено две пријави од лекари за сомнение за смртен исход по примена вакцина против Ковид-19. Се прави комплетна обработка за да се докаже дали несаканите реакции се навистина поврзани со употребата на вакцините против Ковид-19.

Двете пријави Агенцијата ги имала во март и во септември, од страна на лекари, и се однесуваат на 85-годишен и за 53-годишен, но се уште не е докажана поврзаност со употребата на вакцините.

Раководителката на сектор во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Мерјем Хаџихамза појасни дека пријавите освен во Упсала мониторинг центарот, испратени се и во Институтот за јавно здравје, каде се прави таа натамошна обработка. Сепак, како што посочува, станува збор за сомнежи и неофицијални податоци. Ефектите од вакцинацијата се далеку, далеку поголеми.

OhridNews