Епидемиолошката состојба е мирна и не се размислува да се бара потврда за вакцинација или негативен тест на коронавирусот за влез во земјава, ниту за наши, ниту за странски државјани, но акцент треба да се стави на вакцинацијата како механизам за заштита, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Според него, нема никаква логика за едни граѓани да се бара, а за други да не се бара потврда за вакцинација или негативен тест ако престојувале во странство.
Во таа смисла сега ситуацијата е навистина мирна. Имаме различни сценарија во различни земји во кои и покрај тоа што има рестриктивни мерки во смисла на тоа да се бараат документи, има огромен пораст на случаите. И затоа ставаме акцент на вакцинацијата како единствен механизам да се зголеми колективниот имунитет и да се спречи нов бран, изјави Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали се планира да се бараат потврди за вакцинација или негативен тест барем за странски државјани.
Тој посочи дека во Велика Британија има огромен број нови случаи, но битно е дека нема смртни случаи и тоа е суштината, што се постигнува со вакцинацијата.
Така се конструирани и нашите политики. Со сите овие механизми што ги имаме – кампањите, теренската вакцинација…, да се вакцинираат што поголем број на граѓани. Веројатно ќе има и нови соеви на вирусот, веројатно ќе има и нови мутации. Меѓутоа, со рестрикции не можеме да живееме. Вака ќе го вратиме нормалниот начин на живот, рече министерот за здравство во изјава по посетата на Поликлиниката во Шуто Оризари по повод отворање на нов пункт за вакцинација
Од петок вакцинирање деца со „Фајзер“, втора доза „Астра Зенека“ отсега шест недели по првата
Од петок ќе почне вакцинација на деца над 12 години со „Фајзер“, чии родители/старатели од денеска до четврток ќе се пријават на веб-страницата vakcinacija.mk.
Откако ќе се види заинтересираноста со регистрирањето на сајтот, ќе се закажуваат термини за вакцина по распоред, бидејќи една вијала содржи шест дози.
Затоа што вакцината на „Фајзер“ еднаш кога ќе се отвори, мора да се вакцинираат шест лица бидејќи во вијалата има шест дози и ако се јави едно или две деца, голем е ризикот одреден број вијали да се фрлат, а тоа не сакаме да се случи. Родителите ќе може до четврток да ги регистрираат децата и од петок ќе почне апликацијата на вакцините, рече Филипче.
Министерот соопшти и дека ревакцинирањето со „Астра Зенека“ ќе биде на шест наместо на 12 недели како досега. Тоа е договорено на состанок со членови на Комитетот за имунизација. Но, и натаму оваа вакцина ќе им се дава само на повозрасни од 60 години.
Во упатството има флексибилност, а тоа е од четири до 12 недели. Ние бевме многу внимателни чекајќи ги буквално сите публикации и искуства од другите земји во однос на тие првично регистрирани несакани ефекти. Како времето одминува и гледаме дека тој ризик е навистина минимален, се одлучуваме ревакцината да не биде четири недели, како што е во упатството, туку да биде шест недели, рече Филипче.
OhridNews
Фото: МИА