Прилично е стабилна епидемиолошката состојба и засега не се размислува за воведување на нови рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници. Имаме континуирано намалување на бројот на новодијагностицираните случаи, а и при проверка на дел од анализираните случаи не е најден случај на Делта плус сојот, рече министерот за здравство Венко Филипче, денес при посетата на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид.

Сметам дека нема потреба од никакви дополнителни рестрикции, но апсолутно има потреба од почитување на протоколите кои и сега се веќе пропишани и се на сила. Така да, сега пред овие претстојни празници луѓето да водат сметка за групирањето, носењето маски, држењето дистанца што е многу битно за да не дојде до повторно влошување на епидемиолошката состојба.

Филипче додаде дека засега остануваат истите мерки да важат и за угостителските објекти.

Мерките се димензионирани така за да не се создава гужви. Применувањето на мерките придонесоа состојбата да остане прилично мирна, за разлика од регионот. Се надевам дека нема да има влошување или појава на некоја нова варијанта на вирусот.

Министерот додава дека прилично се подиспразнети и болничките капацитети, а има некои одделенија во државава кои се и целосно празни.

Н.С.Ј.