Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска појасни дека неговата изјава дадена во Софија во врска со нападот врз Христијан Пендиков била извадена од контекст и дека ја дал откако Јавното обвинителство излезе со свој првичен став за инцидентот.
Тоа беше одговор на прашање во врска со клубот „Ванчо Михаилов“. Јас тогаш реков дека не требаше да чекаме Историската комисија да се договори за контроверзноста на личноста на Ванчо Михаилов, доволно беше фактот што македонскиот народ, мнозинството граѓани се навредија од таквото име и тоа ни беше, доволно, и тоа го кажав на бугарска телевизија, дека требаше да станеме свесни дека не можеме да поминеме со пракса на провокации и со која граѓаните се чувствуваат навредени, рече Османи.
Според него, во тој контекст изјавил дека доколку семејството на Пендиков смета дека бил нападнат заради својата етничка припадност, нема да се чека да заврши правната процедура за да се преземат мерки.
Покажеме грижа како за секој наш државјанин и да создадеме атмосфера на нула толеранција по однос на говор на омраза и по однос на насилство, појасни Османи.
Тој додаде дека истото се однесува и по однос на забраните за граѓаните кои што навредуваат, став кој вели го искажал и во Софија, дека треба да се воведе принцип кој ќе навреди на територијата на Република Северна Македонија, го оспори постоењето на македонскиот народ или ќе покаже територијални претензии, истиот ден да му се забрани понатамошен влез во земјата.
Мислам дека овој принцип треба да биде основа за нашата политика по однос на овој проблем. Јас сум задоволен што претседателот го прифати тој мој повик и реагираше веднаш со тоа што мојата позиција е дека не треба да имаме ретроактивен пристап по ниту еден проблем, како што имав таков став по однос на законот за клубовите. Утврдуваме принцип секој кој што ќе даде изјава со која ќе негира постоење на народ или ќе покаже територијални претензии истиот ден да му се забрани влез. И тоа треба да го знаат сите, ако го знаат, ќе бидат многу внимателни и мислам дека само на тој начин ние ќе го прекинеме овој циклус, но никој нема да ме обесхрабри и со јавните критики да се грижам за сите заедници вклучувајќи ја и бугарската заедница, вели Османи.
Во однос на лекувањето на Пендиков во Софија, Османи рече дека секој слободен граѓанин може да се лекува во странство кога сака и каде сака и оти тој не бил под истрага.
Османи истакна дека неговата посетата на Софија била и со цел да покаже дека нема државна политика на дискриминација кон Бугарите, како и дека реагирал на изјавата на шефот на бугарската дипломатија Николај Милков дека „денес кај нас се случува тоа што се случувало во комунизмот’, со став дека таа тема треба да им се остави на историчарите.
Ако очекувавте јас да бидам адвокат на комунистичкиот период, тоа од мене нема да го добиете, таа тема ќе ја оставам на историчарите. Комунистички период јас нема да коментирам ни во Софија, ни во Охрид, ни никаде. А ако мислите дека Милков рекол дека сега се случува тоа што се случило, на тоа јас реагирав веднаш и фактот што јас бев таму беше токму тоа, дека во име на Владата доаѓам, тука да се грижам за секој наш државјанин каде и да е и од која било етничка припадност да е и дека нема државна политика на дискриминација, туку напротив ние ќе создадеме атмосфера на нула толеранција на говор на омраза и насилство. Сега и како ОБСЕ имаме шанса да тоа го зајакнеме, изјави Османи.
Тој потврди дека за инцидентот со Пендиков бугарските власти веќе пуштиле писма до сите меѓународни организации со објаснување дека овде се води тешка политика на државна дискриминација, а наша задача е вели, не да ја убедиме Бугарија да го смени ставот, туку Бугарија да не успее да ја убеди ЕУ во однос на своите погледи, односно ние да ги покажеме нашите аргументи во однос на тоа што се случува овде.
Моето одење во Софија е токму тоа. ЕУ го регистрираше тоа како порака дека тука нема политика, државна политика. Дали има индивидуални случаи, јас секогаш верувам на оштетениот. Јас сум сам од втората по големина заедница која што поминала низ премрежија и веројатно мнозинскиот народ обично го нема тој сентимент. Но, секогаш треба на прва да им верувате на луѓето кога кажуваат дека имаме одредени проблеми. После може да се демантирате и не го негирајте од позиција на мнозинство. Тоа е грешка и тоа е предност во случајот, зошто јас имам таков поинаков сентимент по однос на заедниците. Државна политика на дискриминација нема. Јас сум дел од таа државна машинерија и такво нешто нема. Јас се обидувам да им докажам на нашите партнери дека такво нешто нема, но разлики има и како Бугарија ќе ги искористи своите инструменти, ние веќе ги покренавме нашите инструменти. Но, мора да бидеме внимателни, мора бидејќи ако правиме грешки си правиме штета на основната цел, а тоа е кој ќе ја убеди ЕУ во вистината која што се случува овде, рече министерот Османи.
Тој побара повеќе поддршка и од медиумите и од јавноста, нагласувајќи дека ова не е прашање кое се решава со емотивни изблици и со реакции, туку со ладнокрвна политика во која што имате јасна цел и тоа го правите независно што ви кажуваат луѓето, како ве објаснуваат и ве критикуваат.
Јас сум убеден дека тоа што го правам го правам во добробит на оваа држава и на сите граѓани и нема критика и кампања која што ќе ме обесхрабри, а времето ќе покаже кој бил во право, дециден е Османи.
OhridNews