По минатонеделната седница и одбивањето на поднесените амандмани со кои се бараа 3,5 милиони евра за реализирање на проекти од инфраструктурната и комуналната сфера во Охрид, стигаат реакции од  локалните власти.  Се работи велат, за однапред пресметан потег- се до локалните избори да не се фрли  ниту еден денар за инвестиции во Охрид. Владата ја скрои  прераспределба на средствата од буџетот, но во државната каса – пари за Охрид нема.

“Одговорно изјавувам дека проектите ќе бидат реализирани во 2009-та година, но се очекува прво да дојде градоначалник по желбата на централната власт. Тоа е погубната теза.“– вели портпаролот на општина Охрид, Никола Манески.

За последните проекти, кои се најдоа во амандманите на охридскиот пратеник Томе Чингоски, раководителот на одделението за комунален развој и сообраќај, Емин Селман кажува дека имало и интензивни средби со министерот за транспорт и врски Јанакиески.

Ни беше нагласено дека  Светска банка инсистирала на тоа, дека проектите се доста слабо изработени и дека ревизијата е катастрофална. Јас тврдам , додава Селман дека нашите проекти беа во ред. Нашите ревизии ги вршеше Градежниот факултет од Скопје, додава Селман.

Пратеникот од редовите на СДСМ, Томе Чингоски смета дека пренамената на буџетските средства во фондовите е само алиби, бидејќи тие пари се однапред потрошени за други цели. Парите кои градот ги побара од централната власт се однесуваа на доизградба на колекторскиот систем, комуналната инфарструктура  во неколку населени места во охридско, но и на изградба на една од најзначајните сообраќајни делници.

Росица Голабоска